Мицкоски: Најголемата победа на општеството е секое дете да добие можност да победи во животот
Премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на 80-годишнината од Детскиот дом „11 Октомври“ порача дека грижата за децата без родители и без родителска грижа е човечка и национална одговорност, а секое дете заслужува еднаква можност за образование, развој и успешна иднина.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на одбележувањето на 80-годишнината од постоењето на Детскиот дом „11 Октомври“ во Скопје, истакнувајќи дека оваа институција во изминатите осум децении претставувала место на сигурност, поддршка и нови почетоци за генерации деца.
Во своето обраќање, Мицкоски нагласи дека вредноста на една институција не се мери само со годините на нејзиното постоење, туку пред сè со човечките судбини што ги променила и надежта што им ја вратила на оние на кои им била најпотребна.
Тој посочи дека силата на една држава не се препознава само преку економските резултати, инфраструктурните проекти и инвестициите, туку и преку начинот на кој се грижи за најранливите категории граѓани.
-Ниту едно дете не ги избира околностите во кои ќе се роди, ниту предизвиците со кои ќе се соочи. Но секое дете има право на достоинствено детство, на образование, на љубов и на можност да ги оствари своите соништа, порача Мицкоски.
Премиерот истакна дека современата социјална заштита не треба да се сведува само на обезбедување сместување и основна грижа, туку мора да овозможи семејна атмосфера, емоционална сигурност, образование, личен развој и подготовка за самостоен живот.
Посебна благодарност упати до згрижувачките семејства, кои, како што рече, со својата хуманост, пожртвуваност и посветеност покажуваат дека семејството не го создаваат само крвните врски, туку и љубовта и чувството на припадност.
Тој нагласи дека институциите имаат обврска да им обезбедат соодветна поддршка и стручна помош на згрижувачките семејства, со цел успешно да ја исполнуваат оваа благородна мисија.
Мицкоски посочи дека грижата за децата без родители и без родителска грижа не е само прашање на социјална политика, туку и прашање на човечка и национална одговорност.
Според него, особено важно е да се обезбеди успешен премин од згрижувањето кон самостојниот живот, преку образование, професионално оспособување, вработување и социјална интеграција.
Во таа насока, премиерот ја истакна и важноста на вработените во Детскиот дом „11 Октомври“, на кои им се заблагодари за професионалноста, трпението, разбирањето и секојдневната посветеност во грижата за децата.
Осврнувајќи се на односот на општеството кон најмладите, Мицкоски ја спомена и мислата на Нелсон Мандела дека не постои појасен одраз на душата на едно општество од начинот на кој тоа се однесува кон своите деца.
-Да изградиме Македонија во која секое дете ќе има можност да расте без страв од иднината, да се образува, да напредува и да го пронајде своето место во општеството, порача премиерот.
Тој додаде дека меѓу децата за кои денес се грижи општеството се идните лекари, наставници, инженери, уметници и луѓе кои утре ќе ја градат државата, поради што е неопходно да им се отворат сите можности за успешна иднина.
На крајот од обраќањето, Мицкоски истакна дека 80 години постоење на Детскиот дом „11 Октомври“ претставуваат голема историја, но и уште поголема одговорност за создавање подобри услови за идните генерации.
-Затоа што домот не го прават ѕидовите, туку љубовта. Семејството не го определува само потеклото, туку и грижата. А иднината не ја одредуваат околностите во кои сме родени, туку можностите што ги добиваме и силата со која ги остваруваме, истакна Мицкоски.
-Најголемата победа на едно општество е кога секое негово дете ќе добие можност да победи во сопствениот живо“, порача премиерот, честитајќи ја 80-годишнината од постоењето на Детскиот дом „11 Октомври“.



