Актуелно

МВР: Најниско ниво на криминалитет во Македонија последниве 20 години

Најниско ниво на криминалитет во последните 20 години. Борбата против криминалот се мери со резултати. МВР во соопштение за јавноста вели дека изминатите две години покажале дека со професионална, одлучна и неселективна работа можат да се постигнат конкретни резултати.

-Денес криминалитетот во државата е на најниско ниво во последните 20 години, а вкупниот криминалитет е намален за 30%. Истовремено, ја зголемивме ефикасноста во откривањето на кривичните дела и нивните сторители на 69%.

Во борбата против организираниот криминал сузбивме над 30 организирани криминални групи, а бројот на разбиени групи поврзани со корупција е зголемен за 50%.

Во борбата против трговијата со дрога откривме над 1.600 кривични дела, пријавивме околу 1.900 сторители, запленивме 6,2 тони наркотична дрога, спречивме девет меѓународни транспорти на марихуана и кокаин, а заплените на кокаин се зголемени за повеќе од 300%.

Паралелно со тоа, имотниот криминал е намален за повеќе од 30%, а разбојништвата и разбојничките кражби за над 40%, што значи поголема сигурност за секое семејство и секоја локална заедница.

Ова не се само статистички показатели. Зад секоја бројка стои спречено кривично дело, разбиена криминална мрежа, спасен човечки живот, заштитен имот и поголема безбедност за граѓаните.

Им благодарам на сите полициски службеници за нивната пожртвуваност, професионалност и посветеност. Ќе продолжиме уште поодлучно, затоа што силната држава се гради со силни институции, а безбедноста на граѓаните останува нашиот највисок приоритет, велат од МВР преку соопштение за јавноста.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons