Ако често консумирате брза храна, дали сте свесни за здравствените ризици?

Многу наши граѓани признаваат дека не внимаваат многу на начинот на исхрана, а на нивното мени често е и брзата храна. Поради брзиот начин на живот, посегнуваат по тостови, хамбургери, иако се свесни дека ризици по здравјето постојат од внесување на ваква храна во организмот. 

„Скоро секој ден јадам брза храна, поради работните обврски. Свесна сум дека е штетно. Искрено, некогаш си носам јадење од дома, ама тоа се случува поретко“, вели Мартина Петковска, граѓанка. 

Постарите велат дека повеќе сакаат домашно зготвена храна. 

„Младите јадат сендвичи, пици, но јас си готвам дома“, рече Аница Краљевска, граѓанка. 

Граѓаните сметаат дека брзата храна содржи многу маснотии. 

„Младите јадат надвор, а ние постарите ретко, ние дома готвиме, јадеме и чорби. Штетна е брзата храна, премногу е мрсна“, кажа Катерина Алексовска, граѓанка. 

Ирина Лазарова, дипломиран нутриционист вели дека брзата храна е нутритивно сиромашна, а сепак е многу високо калорична храна и содржи шеќери, високи количини на сол, трансмасти и многу други состојки кои се појавуваат поради составот, но и начинот на подготвување.

„Краткотрајни ефекти од консумирање на брза храна се нагло зголемување на шеќерот во крвта поради содржината на јаглехидрати и додаден шеќер. Зголеменото ниво на шеќерот во крвта пак предизвикува зголемено лачење на инсулин, што резултира со нагло опаѓање на веќе зголемениот шеќер. Исто така поради зголеменото количество на инсулин може да се чувствувате уморни, а за кратко време и повторно гладни.  Високите количини на сол влијаат врз крвниот притисок, а трансмастите ја зголемуваат можноста за воспаленија во телото.  Честа консумација на брза храна веќе предизвикува долготрајни ефекти односно зголемен ризик од дебелеење, депресија, дигестивни проблеми, срцеви болести, дијабетес, инсулинска резистенција и рак. Постојат студии кои откриваат дека консумирање на брза храна еднаш неделно е поврзано со зголемен ризик од дебелина, додека јадење на брза храна повеќе од двапати неделно носи ризик од дијабетес и срцеви болести“, вели Лазарова. 

Таа советува доколку граѓаните не можат целосно да се откажат од брзата храна, барем да ја внесуваат поретко. 

„Мојот совет е дека доколку сте свесни за негативните последици од исхрана со брза храна, но сепак не сакате да ја откажете целосно, конзумирајте помалку од еднаш неделно, а потоа продолжете со внес на нутритивно богата храна бидејќи со секој еден оброк имате можност да влијаете  врз вашето здравје“, додава Лазарова. 

Должината на животниот век се поврзува и со начинот на исхрана. Многу нации имаат со 10 години подолг животен век од македонските граѓани и се верува дека и исхраната има удел. 

Годинава е објавено дека САД, Канада, Обединетото Кралство, Австралија и Нов Зеланд се меѓу  земјите со најголема потрошувачка на брза храна во светот. Сања Атанасовска

foto freepik.com/gdolgikh

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons