Маск и уште 165.000 луѓе бараат Хуанг да се врати на чело на Енвидиа
Илон Маск и низа познати личности од технолошката индустрија потпишаа отворено писмо со кое бараат Џенсен Хуанг да се врати на чело на Енвидиа, само неколку дена откако поднесе оставка по скандалот со неговите вонбрачни врски. Писмото собра повеќе од 165.000 потписи, а меѓу потписниците има и илјадници луѓе кои тврдат дека работат во Енвидиа.
Потписниците бараат од управниот одбор да го врати Хуанг на функцијата извршен директор сè додека независна истрага не ги утврди сите околности на неговото заминување. Во меѓувреме, американската администрација бара одговори за можно прекршување на забраната за продажба на напредни чипови на Кина, пишува Гардијан.
„Вратете го Џенсен додека независна истрага не ги утврди фактите“, се наведува во отвореното писмо упатено до управниот одбор на Енвидиа.
Покрај Маск, поддршка за враќањето на Хуанг дадоа и Тим Свини, основач и извршен директор на „Епик гејмс“, како и Гари Тан, претседател на „Уај комбинатор“, позната американска програма за развој на технолошки компании.
Меѓу потписниците е и Тревис Каланик, коосновач на „Убер“, кој смета дека грешките на Хуанг не го оправдуваат неговото заминување од компанијата.
„Да, направил грешка. Човечки е да се греши. Но, не верувам дека што било од она што го направил го оправдува неговото одвојување од компанијата“, напиша Каланик.
Според Фајненшл тајмс, Хуанг разговарал со луѓе од својот близок круг за можноста да се врати на функцијата извршен директор.
Еден од неговите сојузници изјавил дека се формира група влијателни директори од Силициумската Долина, која ќе се обиде да го убеди управниот одбор да го врати. Тие планираат да побараат и поддршка од Белата куќа.
„Сите важни луѓе во технолошката индустрија, надвор од лабораториите што ги развиваат најнапредните модели на вештачка интелигенција, го сакаат Џенсен“, изјавил извор за Фајненшл тајмс.
Според него, Хуанг ги поддржува овие напори.
Двајца големи инвеститори во Енвидиа, Бред Герстнер и Гевин Бејкер, исто така го повикаа управниот одбор да не ја исклучува можноста за враќање на Хуанг.
Хуанг минатиот четврток ја напушти компанијата што ја основаше заедно со други соосновачи во 1993 година и ја водеше 33 години.
На неговото заминување му претходеа медиумски откритија за најмалку две вонбрачни врски.
Едната била со бизнисменка за која американските разузнавачки претставници се сомневаат дека е поврзана со кинеска шпионажа, а другата со вработена во Енвидиа која му била директно подредена.
Управниот одбор на Енвидиа покрена независна истрага за да утврди дали биле загрозени деловните интереси на компанијата или националната безбедност на САД.
Привременото раководење со Енвидиа го презеде досегашната финансиска директорка Колет Крес.
Додека дел од технолошката индустрија бара враќање на Хуанг, американскиот министер за финансии Скот Бесент смета дека Енвидиа треба да побара нов директор надвор од компанијата.
„Потребни им се големи промени“, изјави Бесент во неделата за Фокс њуз.
Бесент нагласи дека повеќе од врската на Хуанг со жена осомничена за шпионажа го загрижува можноста Енвидиа свесно да овозможувала продажба на најнапредните американски чипови на Кина.
Американските власти го ограничуваат извозот на таквите чипови за да спречат Кина да добие пристап до технологија што би можела да ѝ помогне во развојот на напредни системи за вештачка интелигенција.
Администрацијата на Трамп кон крајот на 2025 година дозволи продажба на чиповите H200 на Енвидиа на кинески купувачи, но забраната за извоз на уште понапредните модели остана на сила.
„На Кинезите не смее да им се продава ништо понапредно од Х200“, рече Бесент.
Тој додаде дека треба да се утврди дали Енвидиа ги почитувала американските извозни ограничувања или постоеле начини за нивно заобиколување.
Бесент очекува управниот одбор и независните истражители во рок од десет дена да одговорат на прашањата за работењето на компанијата и однесувањето на Хуанг.
Американски конгресмени од двете најголеми партии бараат Хуанг и претставници на Енвидиа да се појават пред Конгресот и да објаснат дали неговите постапки можеле да ја загрозат националната безбедност.
Некои републиканци бараат и одговори од администрацијата на Трамп за тоа што знаела за врската на Хуанг со жената за која постојат сомневања дека е поврзана со кинеската разузнавачка служба.
Хуанг и други претставници на Енвидиа се согласиле да сведочат пред Конгресот, но датумот на сослушувањето сè уште не е утврден.
Под водство на Хуанг, Енвидиа стана една од највредните компании во светот и водечки производител на чипови за вештачка интелигенција. Компанијата истовремено стана голем инвеститор во центри за податоци и технолошки стартап-компании, поради што го доби прекарот „централна банка на вештачката интелигенција“.
Нејзините инвестиции предизвикаа и критики дека дополнително го поттикнуваат можниот инвестициски балон поврзан со вештачката интелигенција. Хуанг се противеше на ограничувањето на нејзиниот развој, што доведе до несогласувања со компанијата Антропик и нејзиниот извршен директор Дарио Амодеи.



