Спорт

Лазаров: Се мачевме да ја создадеме оваа репрезентација, сега треба да ја задржиме

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров е презадоволен од настапот во баражот против Словачка, денеска победивме со 38-23 и се пласиравме на ново Светско првенство.

Македонија одигра импресивен меч, а по неговото завршување задоволството не го криеше селекторот Лазаров.

„Мора да бидеме задоволни, без разлика на нивото на Словачка, тие против Украина покажаа дека имаат квалитет, не е лесно да ја победите Украина. Им честитам на моите момци, не се победува лесно со 15 голови разлика. Имавме сериозен пристап, секој ривал во баражот е квалитетен, а ние покажавме константен ракомет, тоа го барав од играчите. Имавме малку падови, игравме квалитетно, шанса добија и оние кои имаат помала минутажа, а тоа е важно за да ги доиеме за потешките натпревари. Презадоволен сум од пристапот на играчите“, вели Лазаров.

Селекторот вели дека репрезентацијата напредува од година во година, а тој е задоволен од тоа како се одвива процесот.

„Во изминатата година и пол создадовме квалитетен тим на играчи кои се борат еден за друг, дисциплинирани се и не им е важно кој ќе биде најдобар, туку најважно им е да победуваме. Тоа се мачевме да го создадеме и сега треба да го задржиме. Мислам дека играчите растат во нашата лига, во нивните клубови во кои добиваат искуство. Откако сум јас селектор, ова е шесто натпреварување во низа на кое ќе играме со 99% променета репрезентација од претходно. Тој процес треба да се истрпи, а ние успеавме да опстанеме на големата сцена и да создадеме производ кој ќе ја прави горда Македонија во следната деценија. Јас сум горд на тоа, сите го препознаваат тоа и се надевам дека сениорите од година во година, чекор по чекор, ќе бидат поквалитетни. Не смееме да поставуваме преголеми цели, тоа би било притисок за сите играчи, но дека нема да се предадеме против никого, тоа можам да ветам дека ќе го гледате“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons