Како да проверите дали утре ќе имате евтина тарифа?

Од утре стартува евтината дневна тарифа на струјата во периодот од 13 до 15 часот. Со воведување на дневната евтина тарифа домаќинствата ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во ден недела.

Но сите потрошувачи нема уште од утре да ја добијат евтината тарифа за струја. ЕВН поседува 170 дигитални броила кои веднаш ќе бидат сетирани и уште од први декември ќе можат да ја користат евтината тарифа.

На самите дигитални броила ќе има ознаки според кои потрошувачите ќе знаат дали трошат струја во висока или ниска тарифа.

-На LCD екранот на броилата се појавува ознака Т1 (за висока тарифа) и Т2 (за ниска тарифа), што значи дека во зависност од периодот на денот се појавуваат и се активни соодветните ознаки на екранот. Имено, корисникот може да препознае дали му е сетирано броилото на евтина тарифа од 13 до 15ч. после 1-ви декември, доколку му се појави соодветната ознака за евтина тарифа во наведениот временски период, велат од ЕВН.

Останатите 650.000 корисници кои имаат обични броила ќе треба да почекаат екипите на ЕВН рачно да ги сетираат.

-Броилата ќе се сетираат уште во првиот месец (декември), освен недостапните кои ќе се сетираат во наредниот период, велат од ЕВН.

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Тарифен систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај со кој се утврдува дека евтината дневна тарифа стартува од 1 декември 2023 година во периодот од 13 часот до 15 часот.

-Со воведување на дневната евтина тарифа домаќинствата ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во ден недела. РКЕ по направените анализи оцени дека се создадени услови домаќинствата да користат дополнителни часови во коишто надоместокот за потрошената електрична енергија ќе се пресметува по евтина тарифа. Податоците укажуваат дека инвестицискиот циклусот во обновливи извори на енергија го зголеми производството на електрична енергија со што директно се влијаеше врз намалување на цената преку ден, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Подзаконските акти што ги донесе РКЕ утврдуваат и нови рокови според кои енергетските компании од следната година ќе треба да ги достават своите барања најдоцна до 30 септември, а одлуките за новите тарифи ќе бидат соопштени најдоцна до 30 ноември и истите ќе бидат на сила од следната година.


Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons