Инвестиција од 350 милиони евра и нови 1.000 работни места: Отворен „Дајмонд мол“ (Фото галерија)

„Дајмонд мол“ кој денес ги отвора вратите за посетителите ќе ја живне економијата и ќе придонесе за отворање нови работни места, не само за Скопје туку севкупно ќе даде импулс и на економијата на земјата.


Над 150 продавници на познати меѓународни брендови, Гурманска авенија и уникатна Зона на соништата, како дел од „Дајмонд мол“ („Diamond Mall“), новиот шопинг мол во срцето на Скопје, денес ги отвори вратите за посетителите.

Како што посочи почесен претседател на групацијата „Лимак“, Нихат Оздемир, станува збор за еден од највозбудливите чекори од проектот „Дајмонд оф Скопје“, со згради, хотел, канцеларии и трговски центар.

„’Дајмонд мол’ кој се простира на48 илјади метри квадратни и кој денес ги отвора вратите за посетителите го сметам за инвестиција која ќе ја живне економијата и ќе придонесе за отворање нови работни места не само за Скопје туку севкупно ќе даде импулс и на економијата на земјата и на Балканот“, рече Оздемир.

Тој додаде дека со шопинг избор со над 150 меѓународни брендови, Гурманската авенија која на гостите ќе им нуди разни кулинарски вкусови како и со Зоната на соништата, прва на Балканот наменета за деца и млади која се простира на 3.500 метри квадратни и која ќе ги спои учењето и имагинацијата на едно место, „Дајмонд мол“ со овој уникатен концепт ќе биде многу повеќе од трговски центар, ќе биде еден лајф центар.

„Трговскиот центар за чија инаугурација сме денес собрани е последната алка од проектот ‘Дајмонд оф Скопје’ чија проектна вредност достигнува 350 милиони евра и нуди вработувања за над илјада лица од разни сектори“, рече Оздемир, додавајќи дека со хотелот со капацитет од 142 соби отворен, отворен во април 2022 година и кулите со 772 резиденции и 24 хоум офиси, кон крајот на 2024 година ќе биде заокружен проектот „Дајмонд оф Скопје“.

Молот располага со голем број различни влезови кои овозможуваат лесна пристапност од кој било дел на централното градско подрачје.

Групацијата „Лимак“ неодамна прослави 45 години од своето постоење. Со своите деловни активности е присутна во повеќе од 17 земји во светот, со повеќе од 60.000 вработени кои работат во неколку сектори: градежништво, енергетика, туризам, инфраструктура и други дејности.

Во портфолиото на „Лимак“ се и светски познати мега проекти, како новиот аеродром во Истанбул (Istanbul Grand Airport), мостот Дарданели (Чанаккале) 1915, кој е најдолг висечки мост во светот, меѓународниот аеродром во Кувајт, хидроцентралата Јусуфели, трета по големина брана во светот откако ќе биде изградена, како и многу други. „Лимак“ беше рангирана на 56 место на листата на 250 најдобри градежни компании во светот за 2021 година. 

nezavisen.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons