Зеленски: Слободата има висока цена, но ропството има уште повисока 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика својот народ да истрае наспроти руските напади и рече дека „слободата има висока цена, но ропството има уште поголема цена”.

Во видео обраќањето до нацијата доцна во саботата, Зеленски рече дека Украинците претрпеле напади, закани, нуклеарни уцени, терор, ракетни напади и ги повика да издржат и оваа зима бидејќи знаат за што се борат.

„Ние ќе ги прославиме нашите празници. Како и секогаш. Ќе се насмееме и ќе бидеме среќни. Како и секогаш. Разликата е една. Нема да чекаме чудо. Впрочем, ние самите го создаваме“, изјави Зеленски, а пренесува Би-би-си.

Руските напади со ракети и беспилотни летала оставија милиони Украинци без струја, греење и вода.

За време на вчерашните руски воздушни напади, 10 лица загинаа во градот Херсон на југот на Украина, соопштија властите.

Регионалните власти соопштија дека се повредени уште 68 луѓе и ги повикаа локалните жители итно да даруваат крв.

Опишувајќи ја Русија како „терористичка земја“, Зеленски ги обвини руските војници дека „убиваат заради заплашување и задоволство“.

Тој објави фотографии од улици преполни со тела и запалени автомобили на социјалните мрежи, велејќи дека „светот треба да види и да разбере против кое апсолутно зло“ се бори Украина.

Херсон, единствениот регионален главен град што Русија го зазеде откако ја започна својата инвазија, беше ослободен од Украина минатиот месец.

Оттогаш, често е мета на руските сили лоцирани на левиот брег на реката Дњепар. Москва постојано негираше дека цел на нападите била цивили.

Сепак, рускиот претседател Владимир Путин неодамна призна дека руските трупи се насочени кон клучните енергетски објекти во Украина.

Повеќето Украинци се православни христијани и го слават Бадник на 6 јануари, меѓутоа, сè повеќе верници го слават овој ден на 24 декември, како и повеќето христијани ширум светот.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons