За Хераклеја туристите ќе добијат информации на седум јазици

Активностите кои се извршени во рамките на реконструкцијата на локалитетот, освен аудиоводичот опфати и осовременување на сувенирницата, поставување систем за контрола при влез и излез на посетители, реконструкција на скалите до театарот. Поставување огради и ракофати и лифт што ќе го користат лица со попреченост, рампа за пристапување до театарот со инвалидска количка… Отстранување на неавтентичните подни плочи во театарот и поставување на практикабли со универзална употреба, односно за различни културни настани се исто така дел од реконструкцијата

При посетата на Хераклеја, во Битола, туристите ќе можат да добијат информации за овој древен локалитет на седум јазици: македонски, албански, англиски, германски, француски, италијански и полски. Со скенирање на кодот на информативната табла со нивниот мобилен телефон тие ќе дознаат повеќе за историјата на 12 објекти меѓу кои портик на судница од римско време (2 в.н.е.), терма и театар од римско време (2 в.н.е.), епископска резиденција од ранохристијанското време (4 до 6 век), мала и голема базилика од ранохристијанското време (4 – 6 век), градската фонтана од времето на Јустинијан (562 година), како и гимназионот, улицата, римскиот бедем и музеј.

„Целта е секој посетител да може индивидуално да биде воден со помош на тој аудио водич низ локалитетот “, кажа во една во изјавите за весникот ВЕЧЕР, Мери Стојанова, директорка на Завод и музеј-Битола.

Инаку, аудиоводичот и реконструкцијата која е извршена на овој локалитет во изминатите нешто повеќе од две години се дел од меѓународниот проект „Smart cool tour“ кој е реализиран со средства од ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија. Националното кофинансирање за реализација на проектот во кој партнери од нашата земја се општина Битола, Завод и музеј Битола и МКЦ Битола го обезбеди Министерството за локална самоуправа.

„Археолошкиот локалитет Хераклеја, Римскиот пат, се повеќе од вредни и затоа е вредно она што партнерите во овој проект го направија за афирмација на културното наследство, но и за привлекување на туристи и за развој на регионот, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски на промоција на проектот Смарт-кул-тур, која деновиве се одржа во Битола.

Инаку, активностите кои според Стојанова се извршени во рамките на реконструкцијата на локалитетот опфати и осовременување на сувенирницата, поставување систем за контрола при влез и излез на посетители, реконструкција на скалите до театарот… Поставување огради и ракофати и лифт што ќе го користат инвалиди и лица со попреченост, како и рампа за пристапување до театарот со инвалидска количка, како и отстранување на неавтентичните подни плочи во театарот и поставување на практикабли со универзална употреба, односно за различни културни настани се исто така дел од реконструкцијата.

Со проектот е опфатено и осовременување на видиковецот кој ќе може да го користат и лица инвалиди и од каде непречено може да се гледа целиот локалитет, редизајнирање на музејот со музејската поставка во Хераклеја, со проактивен простор со видео проектор и услови за предавања и презентации.

Според градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, со овој проект е извршено подобрување на пристапноста до археолошкиот локалитет Хераклеја, но и инфраструктурно уредување во самиот локалитет. Како што истакна, преземени се чекори кои го поттикнуваат развојот на туризмот во регионот Пелагонија – Корча со реализирани повеќе инвестиции, а истовремено се создава можност за промоција и заштита на културното и природното наследство, со цел овозможување на рамномерен и одржлив социоекономски развој во прекуграничниот регион.

Министерот за локална самоуправа Милевски, посочи и дека од следниот повик ЕУ е одобрена втора фаза во која ќе се реновира дворот во Пациото и објектот ‘Парк’ кој е до Офицерскиот дом, а кој во моментот е руиниран.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons