Виолинската магија на Јапонката Шоџи во Филхармонија

Брамсовиот „Концертот за виолина и оркестар во Де-дур“ и Бетовеновата „Шестата симфонија“ се на програмата на претстојниот концерт на Филхармонија насловен „Манфред“. Солист ќе биде врвната јапонска виолинистка Сајака Шоџи, а диригент маестро Габриел Бебешелеа од Романија.

Во времево на скудност и изместени вредности особено е значајно што останаа институции во земјава кои се обидуваат и уште повеќе успеваат да се издигнат над вообичаената културна сервилност. Да креираат клима во која програмски ќе бидат свои, но наедно ќе се чувствуваат комотно во тенденцијата да се стори чекор напред и да се крепи мисијата. Да влеваат доверба дека и не е се изгубено и дека секој промислен потег сите не прави дел од светот. Онаков каков што го пожелуваме и овде во Македонија, во регионот кој поодамна е синоним за зла крв и делби. Како и да е Филхармонија, во последнава декада и особено во овие две години, оваа сезона … несомнено е еден од таквите бастиони во кој, рака на срце, својот спокој и потребата од духовни вишнеења ја задоволуваат се поголем број посетители. Главно млади, но и возрасни. Или, како што на шега, некој умно ќе забележи „оние што своевремено одењето на концерти го почнале во МКЦ овде го наоѓаат своето идно сврталиште“.

Од таму, нималку нема да сториме грешка ако кажеме дека секој следен концерт од серијата „Во движење“ е вистинска посластица и дека публиката го чека со нагласена љубопитност. До усвитување.

Така е и со претстојниот за кој се планирани Брамсовиот „Концертот за виолина и оркестар во Де-дур“ и Бетовеновата „Шестата симфонија“. Со Оркестарот ќе раководи неговиот матичен диригент маестро Габриел Бебешелеа од Романија, а солист ќе биде врвната јапонска виолинистка Сајака Шоџи.

И, кога сме веќе кај неа најнапред треба да се спомене дека таа подемот во кариерата го почнала во 1999 година, откако ја добила првата награда на еден од најважните виолински натпревари во светот – „Паганини“ кој се одржува во Џенова, Италија. Веднаш потоа започнува нејзината плодна соработка со некои од водечките светски диригенти како Зубин Мехта, Лорин Мазел, Семјон Бичков, Јури Темирканов и многу други.

Мехта, на пример, е еден од најголемите поддржувачи на оваа јапонска виолинистка. Кога во 2000 година ја слушнал како свири на една аудиција, тој веднаш го променил својот распоред на концерти, со цел да ѝ овозможи на Шоџи да ја направи својата прва аудио снимка со Израелскиот симфониски оркестар. Истовремено ја викнал и да настапи со Државниот оркестар на Баварија и Симфонискиот оркестар на Лос Анџелес, покана што Шоџи без размислување ја прифатила.

Нејзината уметничка уникатност и разновидниот репертоар ја носат и пред други денес реномирани оркестри како Лондонскиот симфониски оркестар, Берлинската филхармонија, Њујоршката филхармонија, Оркестарот на Националната академија на Санта Чечилија, Чешката филхармонија…

Покрај тоа, Сајака Шоџи редовно одржува и рецитали, но и камерни концерти заедно со врвни уметници како Вадим Репин, Ланг Ланг, Итамар Голан, Јефим Бронфман и Стивен Исерлис. Во меѓувреме наоѓа и простор за учество во повеќе фестивали во Европа и во Јапонија.

Наспроти големиот број концертни активности, Шоџи во 2007 година го промовирала и својот експериментално-визуелен-музички проект „Синтезија“ во кој таа заедно со музиката ги претставува своите уметнички ликовни и видео дела. Инаку, по неговата промоција ќе биде забележано дека љубовта кон визуелната уметност на оваа врвна јапонска виолинистка доаѓа директно од нејзиното семејство, односно од нејзината мајка, која била позната сликарка во Италија.

Мајка ми беше уметник и јас отсекогаш сум била заинтересирана за визуелната уметност и нејзината релација со музиката – секако, почнувајќи од операта, бидејќи растев во Италија. На 17-годишна возраст забележав дека кога и да свирам или да слушам музика, си создавам слики во главата. Така почнав да се интересирам за „синестезијата“ , односно за состојбата во која едно сетило се перцепира како друго сетило – во мојот случај, јас ги препознавам звуците преку видот, знае да каже Шоџи.

А, за тоа како бил прифатен овој проект од публиката, таа вели: Ова искуство е сосема ново за слушателите и секогаш им треба малку до објаснување. Тие на почеток воопшто не помислуваат дека сликите се мои, затоа што тоа досега изведувачите не го правеле.

Од друга страна, Сајака Шоџи е ексклузивец на познатата германска издавачка куќа Deutsche Grammophon за која досега има објавено 11 албумски изданија. На нив се документирани нејзините изведби на некои од најзначајните виолински концерти од Прокофјев, Сибелиус и Бетовен, снимени со Филхармонискиот оркестар на Санкт Петерсбург под диригентската палка на Јури Темирканов. Значаен е и аудиозаписот со сите Бетовенови сонати, направен заедно со пијанистот Џанлука Качиоли.

Инаку, таа е добитничка на Mainichi Art Award во 2016 година, една од престижните јапонски награди, а се доделува на оние кои оствариле значајни достигнувања на полето на уметноста. Во 2012 година пак, издавачката куќа Nikkei Business Publications ја вброи во листата на „Идните 100 највлијателни луѓе за Јапонија“.

И, по ова по некој збор и за предвидената програма на концертот на Филхармонија насловен „Манфред“.

Германскиот композитор и виртуоз на пијано Јоханес Брамс (1833 – 1897) e еден од најзначајните претставници на доцниот романтизам. Неговата музика често се изведува на светските концертни подиуми, а едно од најомилените дела и на публиката и на солистите е токму Концертот за виолина во Де-дур, кое авторот го напишал во 1878 година. Тој овој концерт му го посветил на својот пријател, виолинистот Јозеф Јоаким. Кога го напишал, Брамс бил на почетокот од својата композиторска кариера, а Јозеф веќе бил славна личност, виртуоз на виолината. За Брамс рекол дека е „чист како дијамант“ и „мек како снег“ и на некој начин, со својата маестрална изведба на Концертот за виолина, му помогнал да стане популарен.

Шестата симфонија, пак, на германскиот музички гениј Лудвиг ван Бетовен, програмски насловена „Пасторална“, се смета за едно од најзначајните остварувања во историјата на симфонизмот. Првпат била изведена во Виена во 1808 година. Композиторот бил инспириран од природата, како што сугерира и самиот наслов, иако за творечкиот опус на Бетовен тоа е вистински раритет бидејќи неговите капитални дела изобилуваат со тешка, тегобна драматургија, во која се вткаени длабоки мисли и чувства за животот и неговата болка.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons