За скромен живот се потребни најмалку 56 илјади денари месечно, покажа новата потрошувачка кошничка 

Потрошувачката кошничка скокна за 10 илјади денари. Ако во ноември беше околу 46 илјади, за месецов таа надминува 56.500 денари. Оваа сума е добиена со новата пресметка на основните трошоци за живот. Заедно со седумте основни групи, отсега ќе се смета и колку плаќаме за рекреација, образование, ресторани и друго.

Новата минимална кошница опфаќа давачки на семејство од двајца родители и две деца кои се ученици. Живеат во сопствен стан од 60 квадрати во Скопје. Купуваат само основни производи, но внимателно ги бираат тие што се поевтини. Кога земаат нова гардероба прво гледаат дали е на попуст. Не јадат во ресторани, а храна од сендвичара може да си дозволат двапати во месецот. Може да отидат на одмор во Дојран најмногу 7 дена. Под овие услови, семејството годишно троши над 670 илјади денари, без да може да заштеди ниту денар. Ако плаќа и кирија, треба да издвои над 860 илјади денари.

„Само доколку се измести кошничката со тоа дека семејството треба да изнајмува стан, што некогаш, или често може да е случај, месечната кирија би била околу 250 евра според цените денеска. Во тој случај, кошничката доживува голема ревизија на 72 илјади денари што веќе е невозможна сума за ваквите семејства“ – Никола Поповски, универзитетски професор

Според овие пресметки, најосновните потреби чинат една минимална и една просечна плата. Првиот човек на ССМ рече дека ова е кошница на преживување. 

„Сакам да нагласам една новогодишна честитка за сите креатори на политиките, како за работодавачите, така и за функционерите од власта и опозицијата и од оние што претендираат да ја водат оваа држава, со една посвета од задната страна на честитката дека треба напорно да работат за да ги исполнат минимум условите за преживување на едно 4 члено домаќинство“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ

Министерката за труд и социјала, пак, смета дека новата методологија ќе овозможи да се анализираат вистинските потреби на граѓаните.

„Параметрите кои ќе ги даде оваа синдикална кошничка ќе бидат основа и за преговорите со синдикатите и за преговорите со работодавачите во наредниот период за да обезбедиме пристојни плати и достоен живот за секој поединец и работник од општеството“ – Јована Тренчевска, министерка за труд и социјала

Првата минимална кошница е изработена во декември 2010 година и тогаш изнесувала 29 илјади денари. Тоа значи дека за 13 години, основните потреби за живот се поскапени за над 27 илјади денари. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons