Свет

ДАЛИ Е ОВА АМЕРИКАНСКИ ЧЕРНОБИЛ: САД ја прикрива катастрофата во која изгоре воз со најопасните хемикалии?

Ако се остварат најмрачните сценарија, East Palestine, мал град во Охајо би можело да биде запаметен како американски Чернобил – или „мини Чернобил“ (Chernobyl lite), пишува Business Insider. Според моментално достапните информации, како што наведува медиумот, оваа споредба би можела да се оправда како од аспект на неодговорната реакција на надлежните служби, вклучително и потенцијално прикривање, така и од аспект на опасност по здравјето на луѓето и животната средина.

На 3-ти февруари, товарен воз на приватната железничка компанија Norfolk Southern Railway, кој патуваше од Илиноис до Пенсилванија, имаше несреќа во која 50 од 150 вагони излетаа од шините во близина на ова место. Проблемот е што 10 вагони биле наполнети со опасни материи.

Најпрво се дозна за винил хлорид, безбоен гас кој се користи во производството на пластичен ПВЦ и може да се разложи на сончева светлина на формалдехид и слични токсични хемикалии. Сам по себе, може да предизвика цироза или рак на црниот дроб, барем во случај на хронична изложеност. Краткорочно предизвикува главоболка, гадење, вкочанетост, печење и слични симптоми, а исто така е многу запалив.

Американската агенција за заштита на животната средина (ЕПА) дури потоа објави дека има и други хемикалии во вагоните, како што се етилен гликол монобутил етер, етилхексил акрилат, бутил акрилат и изобутилен.

Речиси сите овие хемикалии се сметаат за канцерогени или потенцијално канцерогени и/или респираторни надразнувачи. И се чини дека сите се пуштени во околината. Имено, покрај помалите експлозии и пожари кои се случија за време на несреќата, Norfolk Southern Railway одлучи на 6 февруари, со дозвола на локалните власти и надлежните служби како што е ЕПА, да спроведе „контролиран пожар“ и на тој начин да се ослободи од опасниот товар.

Акцијата ја нарекоа „успешна“, објаснувајќи дека спречила спонтана, неконтролирана експлозија, иако токсичните хемикалии сепак „контролирано“ се испуштале во воздухот.

За работите да бидат уште поапсурдни, Norfolk Southern Railway објави мапа на црвената и портокаловата зона за евакуација и вели дека секој што ќе остане во црвената зона ќе биде изложен на ризик од смрт, а секој во жолтата зона ризикува „изгореници на кожата и сериозно оштетување на белите дробови . И покрај тоа, компанијата вети дека ќе им исплати на жителите само по 1.000 долари „за непријатностите“, покрај тоа што ќе ги надомести трошоците за евакуација.

И Чернобил првично беше прикриен

Катастрофата што се случи во нуклеарната централа Чернобил во Украина, односно Советскиот Сојуз во тоа време во 1986 година, беше резултат на низа безбедносни пропусти, а властите прво се обидоа да ја прикријат, заради што многу повеќе луѓе беа изложени на радиоактивно зрачење отколку што инаку ќе беше случај.

Околу триесет пожарникари и работници во фабриката починаа од акутна радијациона болест во неделите по експлозијата на реакторот, а СЗО проценува дека радијацијата предизвикала околу 4.000 дополнителни смртни случаи од рак на долг рок.

Во овој случај сега во САД, жителите кои живеат во близина на East Palestine, но надвор од зоната на евакуација, и кои не заминаа сами – или во меѓувреме се вратија дома – со денови се жалат на респираторни и други заболувања.

Исто така предупредуваат на масовно угинување на кокошки и други домашни животни во погодената област, а забележани се и мртви диви животни, како лисиците. Уште повознемирувачки, Одделот за природни ресурси во Охајо објави дека околу 3.500 мртви риби биле пронајдени во локалните потоци и реки, што укажува на тоа дека токсични хемикалии влегле во водата.

Уплашените жители на малото гратче во Охајо продолжуваат да бараат одговори од властите. А токсичниот мирис, како што им велат на новинарите, не исчезнал ниту по две недели.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons