Германскиот претседател бара Путин и Лавров да одговараат за злосторства пред Хашкиот трибунал 

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер повика рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров да бидат изведени пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

„Секој што е одговорен за овие злосторства ќе мора да одговара. Ова ги вклучува војниците, офицерите, но и оние што се политички одговорни“, рече Штајнмаер во интервју за саботното издание на неделникот Шпигл.

Тој рече дека сцените од украинскиот град Буча се „неподносливи“ и дека тие уште еднаш јасно ја покажуваат димензијата на рускиот злосторнички напад врз Украина.

„Овој напад не носи ништо друго освен страдање и смрт, што ме прави неизмерно лут и тажен“, рече германскиот претседател.

Тој рече дека не очекувал Владимир Путин да ја нападне Украина.

„Со години сум сведок на промени во руската политика, но да бидам искрен, се надевав на остатокот рационалност кај Владимир Путин. Не верував дека рускиот претседател ќе ризикува целосна политичка, економска и морална пропаст на својата земја“, рече Штајнмаер.

Во истото интервју германскиот претседател најави можност за скора посета на Киев.

„Киев е еден од градовите што најчесто ги посетував. И во иднина ќе направам сѐ што е во моја моќ да ја поддржам Украина, а тоа вклучува и посети“, рече Штајнмаер.

Во последните денови, Франк-Валтер Штајнмаер беше на удар на критики, особено на украинскиот амбасадор во Германија, Андриј Мелник, за неговата пријателска политика кон Кремљ во минатото.

Како социјалдемократски министер за надворешни работи и близок соработник на тогашниот канцелар Герхард Шредер, Штајнмаер во голема мера ги обликуваше односите меѓу Берлин и Москва, особено кога станува збор за развој на енергетската соработка, за која многумина веруваат дека доведе до германската зависност од руската енергија.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons