Борел: ЕУ нема да толерира напади врз Еулекс, веднаш да ги отстраните барикадите на северот на Косово
Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, во врска со последните тензии на северот на Косово, истакна дека ЕУ нема да толерира напади врз Еулекс на Косово, ниту насилство и криминални дејствија на северот. Тој додаде дека мора веднаш да се отстранат барикадите на косовските Срби на северот.
„Групите на косовските Срби мора веднаш да ги отстранат барикадите. Мирот мора да се врати“, предупреди Борел на Твитер.
Тој додаде дека Еулекс ќе продолжи да координира меѓу косовските власти и Кфор.
„Сите актери мора да избегнуваат ескалација“, изјави шефот на европската дипломатија.
Вчера Србите од северниот дел на Косово поставија барикади во знак на протест против апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ.
Од Еулекс потврдија дека во саботата вечерта била фрлена шок бомба врз нивната извидничка патрола кај Рудар, наведувајќи дека нема повредени или материјална штета.
Северот и денеска е блокиран и од граѓаните и од полицијата. На премините Јариње и Брњак не може да се помине ниту пеш, ниту со автомобил.