Борел: Без нормализација на односите ни Косово ни Србија немаат европска иднина, додека „другите од регионот се движат кон Европа“ 

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел вчера во Брисел, по новата рунда дијалог меѓу Белград и Приштина, изјави дека без нормализација на односите нема да има европска иднина ниту за Косово, ниту за Србија, и посочи дека формирањето на Заедницата на српските општини (ССО) е клучен елемент во тој процес.

По заедничката средба со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Аљбин Курти, Борел изјави за новинарите дека европскиот пат на двете страни зависи од дијалогот и дека Косово и Србија „ризикуваат да заостанат додека другите партнери од регионот се движат кон Европа“.

„Ова е особено загрижувачко во време кога ЕУ јасно оди напред кон проширување“, рече Борел, наведувајќи дека ќе ги информира членките на ЕУ за исходот од состанокот и ќе одлучи за понатамошните чекори.

Тој рече дека Курти вчера инсистирал на фактичко признавање на Косово како прв чекор во имплементацијата на Договорот за пат кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија и дека Вучиќ го прифатил компромисниот предлог на ЕУ и додаде дека, и покрај големиот напор, „не беше можно да се надминат разликите“.

Борел рече дека шест месеци по договорот меѓу Вучиќ и Курти во Охрид, „сè уште не е почната примената на најважните точки“ од Договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија и тоа го оцени како „многу жално“.

„Ова зборува за недостигот од реална посветеност на страните за нормализација на односите. Секоја страна се оценува според сопствените заслуги, а отсуството на дејствија од двете страни значи дека и Србија и Косово директно и сериозно ги прекршуваат обврските преземени во дијалогот“, рече шпанскиот дипломат.

Тој рече дека Управниот тим во мај го презентирал нацрт-статутот на ЗСО и дека „ништо друго не се случило“ за повеќе од четири месеци, иако формирањето на ЗСО е „стара обврска за страните, која отсекогаш била клучен елемент во процесот на нормализирање на односите“.

Борел рече дека тој и специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, вчера им презентирале на Вучиќ и на Курти како би можел да изгледа процесот на спроведување на Договорот за патот кон нормализација на односите.

„Страните тргнаа од спротивни позиции. Премиерот Курти сакаше прво да се занимаваме со политичките аспекти на нормализацијата на односите, а Србија сакаше да почне со формирање на ЗСО пред да ги исполни своите обврски. Затоа го предложивме единствениот можен компромис, тие два процеси да се одвиваат паралелно“, рече Борел.

Тој изјави дека, по прилично долгиот состанок, Курти „не бил подготвен да продолжи напред“ и да почне „кредибилен процес што ќе доведе до формирање на ЗСО“, туку „инсистирал на фактичко признавање на Косово како прв чекор“.

Борел рече дека денес нема напредок во однос на ескалацијата на тензиите на северот на Косово, потсетувајќи дека во јуни сите 27 членки на ЕУ побараа да се преземат конкретни чекори за решавање на кризата.

„Денеска повторно ги повикуваме двете страни веднаш да преземат чекори за деескалација на ситуацијата, да се избегне понатамошна дестабилизација и да се овозможи одржување локални избори на северот на Косово. Тоа мора да се направи веднаш“, рече Борељ.

Во однос на двете опции за одржување вонредни локални избори во четири општини на северот на Косово, поднесување оставка на градоначалникот и собирање потписи од граѓаните за нивно отповикување, Борел рече дека ЕУ ја смета првата опција за „најбрзиот и најдобар начин“ за распишување избори.

„Собирањето потписи е долг и неизвесен процес. Од косовските Срби се очекува да покажат конструктивност и безусловно да се вклучат во изборниот процес. Мора да учествуваат или целиот процес е бесмислен. Добив гаранции од претседателот Вучиќ во врска со тоа“, рече Борел.

Тој додаде дека „ризикот од нова ескалација ќе продолжи да лебди над процесот на нормализација“ доколку нема напредок во одржувањето нови избори на северот на Косово, бидејќи оние од април беа бојкотирани од Србите.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons