Колумни

Црниот Арапин, бабата, хакерот и лудиот пес

Како системот на дезинформации се прелева од интернетот во животот и како паранојата се шири на сите страни.

Имаше еден пес што обожаваше да мокри по коловози. Тоа и му беше малку, па секогаш ја одбираше полната линија. Наиде една кола и го собра песот, сопственикот се фати за глава, песот потрча, а сопственикот почна да им довикува на минувачите на тротоарот, не каса, не каса, не се плашете!

Оваа приказна ја слушнав одамна, остана како навестување на некоја комедија на забуна што кога-тогаш ќе се случи. И се случи. Пред некој ден влегува една жена во банката и вели: Еден Арапин ви го слика банкоматот! Можеби е хакер, само да знаете…

Постарата, уредна другарка, би можела да биде претседател на куќен совет некаде на Чукарица во времето на Слободан Милошевиќ, само ѕирна внатре да го дојави тоа и се врати надвор да си чека во редот.

Банкарските службеници отпрвин не обрнуваа внимание, на нив зад шалтерот им тече некое посебно време, а секјурити не знаеше ни збор англиски, па му остана само да се прави Енглез.

Дури кога Арапинот се одвои од машината и пријде до шалтерот, беше опкружен со погледи на недоверба. Банката нема прозорци, нема музика, ниту пријатна мелодија за лифтови, банката всушност е едно ригидно легло на стрес и коцка на отчовечена ПВЦ-столарија во која луѓето лесно се насекируваат.

Што ви требаше?, го прашува супервизорката и му гледа во телефонот, кој е, што е, што прчкаше околу банкоматот, а несреќниот Арапин вади лична карта, црногорска, објаснува дека всушност е Турчин и дека само користел google translate.

Не снимав, вели маченикот, јас кобајаги му преведувам, сите присутни верижно се унезгодија, а оние што не ѝ се предадоа на еуфоријата би се рекло дека беа најнервозни затоа што губат време.

Тензијата спласна кога Арапинот-Хакер, а всушност натурализиран Црногорец со турско потекло, ѝ се јави на некоја Милена, или Загорка, за таа да му објасни на службеното лице по телефон дека сè е забуна, за малку ќе кажев забава, бидејќи на сите веднаш им олесна и го оставија човекот на раат. Ви благодарам за преводот, весело рече настојницата, нема на што, ѝ одговори мојата англофона маленкост. Секјурити ме погледна како домашен предавник, преведувач на окупаторот, Реља Башиќ од партизанските филмови во она каки домобранско одело и со список за стрелање – но сепак ми се поклони во знак на почит.

Сигурно сте приметиле, никој веќе не ја спомнува онаа извеаната баба од која почна сѐ, таа можеби сѐ уште чека орден за ревност во својата редица надвор, ќе да не користи е-банкарство туку пензијата си ја подигнува на рака, за да може на мира да ги демне арапските хакери и да предизвикува немили сцени.

Е сега, зошто јас ви го раскажувам сево ова?

Од истата позиција на баба суперхерој настапуваат многу парамедиумски алапачи, некакви анонимни портали без импресум и работни книшки, списанија од шпајз и магазини од дневната соба, тајкунски платеници и мрежни сердари што глумат новинарство на интернет.

Како човек да се бори против тоа не знам, секоја баба има право да биде параноична, сајтовите имаат право да глумат медиуми, а всушност да работат за која служба и да одберат. Медиумските песови одамна се пуштени од синџир и серат по полните бели линии, така поетски да се изразам. Информативниот хаос што произлегува од тоа е невозможно да се опфати со мирен поглед, а сето тоа уште е и прекрасно додека не залуташ на ТикТок.

Што да се прави?

Мојот рецепт е медиумите и мрежите да ги следам некако од далечина, предлагам еден вид општо скенирање што ги следи штрокавите ФБ-објави од уста до бустот. Ако успееш да го намалиш токсичниот внес, ќе видиш дека оние вистинските информации некако на конец ќе дојдат до тебе. Поентата е да ги чекаш, да се просеат, да претежнат и да се потврдат, а не да трчаш и да се залетуваш во непознатиот кратер на лажни дојави што клокотат како Попокатепетл кога ќе му дојдат тие денови.

Менталната хигиена и медиумската писменост бараат од нас да бидеме присутни на друго место, далеку од изворот на сите информации, за кога навистина ќе грмне вест вредна за внимание, да знаеме да ја препознаеме.

Ете. Не сум Пелагиќ, не сум народен учител, но имам право својот одјеб да го лансирам како методолошка кратенка до здравиот и активен граѓанин што сам го уредува својот личен медиумски простор, бидејќи уредниците на ретките донекаде нормални медиуми, ненаспани, уморни, на крај на сили, се во исцрпувачка борба со пропагандата и лажните наслови за Арапи, луди песови, хакери и други демони од нашиот мал дигитален пекол.

Автор: Брано Мандиќ

Извор: Вијести

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons