Чудесно попишана Македонија

Целото ова пребројување на населението по етничка основа за мене нема никаква рационална цел и е една голема и скапа глупост. А на некои толку многу им значи …

Та-даааам!

Ете, ги слушнавме бројките.

И сега знаеме – Македонија е чудесно попишана, зашто навистина е земја на чудата.

Оваа земја може да се пофали со околу 2,5 милиони горди сопственици на македонски пасоши, но со одвај 2 милиона население.

А и тие 2 милиона не се баш 2 милиона. Колку се? Тоа во моментов никој точно не може да го каже …

По некоја чудна методологија, населението во Македонија е поделено на резиденти и нерезиденти. Присутни и отсутни. На час.

Во дневникот на попишувачите се запишани вкупно 2.097.319 страдни души. Од нив 54,21 отсто се Македонци, а 29,52 отсто се Албанци. Тоа се двете најголеми етнички заедници во оваа земја. Присутни плус отсутни.

Овој резултат и неговата политичка (зло)употреба е смислата на целата скапа операција на етничко пребројување, од врата на врата. Реално, сите други податоци за населението можат да се добијат преку базите на податоци во институциите, освен податокот за тоа како етнички се декларираат граѓаните, кој јазик го избрале за мајчин и која е нивната вероипсовед.

Нејсе, да им се вратиме на чудата …

Кога ќе се отстранат отсутните, излегува дека во Македонија се присутни само 1.836.713 луѓе. Интересно е дека приближно толку луѓе има и на Избирачкиот список. На последните локални избори биле запишани 1.824.864 избирачи.

Таква е оваа чудесна земја – колку население, толку избирачи!

Не прашувајте како е тоа можно и колку е тоа реално. Јас не знам.

Од присутните, 58,44 отсто се Македонци, а 24,3 отсто се Албанци.

И сега, колку се Македонци, а колку се Албанци? Дали сме токму? Кој е „победник“, а кој „губитник“?

Верувајте, јас немам одговор на ова прашање. Ниту барам. Ниту мислам дека тоа некој го знае и сега, после пописот, кој за едни е успешен, за други е некомплетен, за трети е фалсификат …

Еве зошто. Од вкупно 260.606 самопопишани отсутни од Македонија (демек, нерезиденти), 66,4 отсто се Албанци, а само 24,55 отсто се Македонци. Не ме прашувајте како е тоа можно и колку е тоа реално. Како е можно меѓу присутните во Македонија етничките Македонци да се двојно повеќе од етничките Албанци, а меѓу отсутните односот да е сосема обратен?

Не знам. Немам одговор и на тоа прашање. Тоа е како во математиката – ако задачата се постави погрешно, не може да се добие точен резултат.

Како и да е, ова пребројување по етничка основа за мене нема никаква рационална цел и е една голема глупост.

Како што е глупост, патем речено, и податокот дека само 3.504 најстрадни македонски души се попишале како Бугари (0,19 отсто), но од нив само 1.519 изјавиле дека мајчин јазик им е бугарскиот. Не велам дека податокот не е точен. Напротив. Само предупредувам дека Софија веројатно во секој момент може да извади на виделина повеќе од 100.000 документи наречени „происход“, во кои Македонци, со име и презиме, се изјасниле како Бугари, за да добијат бугарски пасоши.

А суперглупост е тоа што 7,2 отсто од присутните се припадници на третата по големина етничка заедница во Македонија. Се вика Останати. Тоа се оние 132.260 граѓани кои се административно пребројани, во 12 различни бази на податоци. Тоа се луѓе кои не сакале да се попишат и да си изберат етничко трло. Сега на аналитичарите останува да ја објаснуваат претпоставката дека најголем дел од тие луѓе веројатно се Македонци. Ама фактички не се пребројани како такви.

Ма браво! Честитки, дами и господо Останати. Без вас Македонија сигурно немаше да биде олку чудесна.

Ете, тоа се бројките што ни го направија денов возбудлив. Сега слободно бројте и пребројувајте, анализирајте, откривајте ги тајните на пописната аритметика, полемизирајте.

Мене нешто ме мрзи …

За мене најважниот резултат на овој попис е што во наредните 10 години нема да мораме пак да се попишуваме.

Поголем успех од тоа – здравје.

А на следниот попис, после 10 или 20 години, веројатно ќе ни биде полесно да се попишеме. Ако ништо друго, со ова темпо на усвет фаќање, бројот на присутните во Македонија ќе се намали за уште најмалку 200.000 души, па можеби нема да нè има повеќе од 1,6 милиони.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons