Силно НАТО и егзистенцијален лапсус

Се чини дека ќе биде потребно источноевропските земји, наместо постојано да бидат туркани во клинч меѓу НАТО и Русија, да имаат можност да станат дел од западната заедница на држави, но без притоа да мора да бидат и членки на воени сојузи.

Додека вознемирени експерти деновиве се обидуваа да го протоколкуваат „лапсусот“ на американскиот претседател Џо Бајден, кој го нарече својот руски колега „касап“ и дека „не смее да остане на власт“, многумина укажаа дека за Путин сепак било поважно да ја слушне пораката што ја изговорил Доналд Трамп, отколку онаа на Бајден.

Изјавата на Бајден можеби и не одекна како некакво изненадување. Веќе не е никаква тајна дека Западот се надева и посакува наскоро да се случи паѓање на Путин од власта. Но се чини дека е многу поважно она што Доналд Трамп, претпоставениот противкандидат на Бајден, во својот најнов атак на НАТО го рече на масовен митинг во САД, речиси во исто време кога Бајден се сретна со украинските бегалци во Варшава.

Поранешниот американски претседател веројатно најостро досега се изразил против НАТО, доведувајќи ја отворено под знак прашање волјата на земјите-членки да учeствуваат и да ги збијат редовите кога тоа е неопходно. Трамп притоа потенцирал дека САД „нема да прискокне на помош во случај Русија да нападне“ други НАТО-членки, доколку тие „не ги плаќаат своите сметки“.

Изјавата на Бајден не беше нарочно обмислена, иако, како што се забележува, се изразил во негов вообичаен стил, кажувајќи гласно она што многумина други го мислат. Но, од друга страна, пораката на Трамп е директно опасна, онака како што би можела да се протолкува во Кремљ: Издржете, по некоја година условите би можеле да бидат сосема поинакви!

Затоа би можело да се констатира дека минатиот викенд рускиот претседател всушност го слушна токму тоа, а не вербалниот напад на Бајден.

Руската инвазија на Украина во потполност ги промени претпоставките за безбедносен поредок во Европа. И тоа не само кога станува збор за членките на Алијансата, туку и за неутралните земји што сега консеквентно дејствуваат заедно со членките на НАТО, испраќајќи оружје во Украина и воведувајќи санкции против Русија. Станува потполно јасно, и веќе нема никакви дилеми околу тоа, со кого Шведска и Финска, кои се третираат како земји со неутрален статус, ги споделуваат своите гледишта и интереси.

Но дебатата околу пристапување во членството на НАТО и понатаму се одвива со спротивставени гледишта, не само во споменатите скандинавски земји, туку и во, на пример, Австрија и Ирска, чија неутралност добива во значење со актуелното заострување на тензиите меѓу НАТО и Русија. Последните испитувања на јавното мислење покажуваат дека поддршката за членство во НАТО се зголемува и во Финска и во Шведска, како никогаш досега. Но шведската премиерка Магдалена Андерсон, во духот на традиционалните определби на нејзината социјалдемократска партија, засега го отфрла членството, изразувајќи мислење дека во сегашната ситуација тоа „уште повеќе би ги дестабилизирало состојбите во Европа“. И финскиот претседател Саули Нинисто, укажувајќи на големите ризици од натамошно ескалирање на ситуацијата во Европа, членството во НАТО не ја гледа како најсреќно решение. За разлика од нив, се слушаат и поинакви мислења, дека во Скандинавија веќе од порано две земји, Норвешка и Данска, се членки на Алијансата, додека нивните соседи Шведска и Финска не се, а што сепак не придонело кон продлабочување на безбедносните ризици.

И социјалдемократите во Австрија, како што пренесуваат медиумите, потенцираат дека постојат различни перспективи на гледање кога станува збор за статусот на неутралност, и дека всушност треба да се зборува за ангажирана неутралност. Во тој контекст се истакнува дека Австрија не може да биде тивка и да не зборува ништо поради војната што се води и поради кршењето на човековите права. Неутралноста не значи да се биде тивок, сметаат австриските социјалдемократи. Рационални аргументи се дека никој не сака да биде вовлечен во војна, и никој не сака да биде виден и сфатен како непријател, без оглед колку некој се наоѓа далеку или блиску од линијата на фронтот. Во таа смисла, во дебатата „за и против“ НАТО доаѓа до израз правење дистинкција дека не исто да се биде „воено“ неутрален и „политички“ неутрален.

Но, иако тоа всушност не е ништо ново, сѐ почесто се споменува и потребата од јакнење на заедничката ЕУ-одбрана. Шведската премиерка неодамна нагласи дека „владите на Шведска и Финска напишале заедничко писмо до останатите ЕУ-членки, каде што потсетуваат и ја подвлекуваат важноста на заедничката одбранбена клаузула на ЕУ во Лисабонскиот договор“. Според оваа клаузула, членките на ЕУ се должни да укажат поддршка на која било членка во случај да биде нападната, и „да ѝ помогнат со сите расположливи средства“.

Но дали тоа сега ја поткрева температурата во сфаќањата околу можностите ЕУ да ја зајакне сликата за себе и како воен сојуз? Факт е дека кога источноевропските земји посакуваат да влезат во НАТО, ја провоцираат Русија. Помалку е провокативно кога ќе се каже дека тие можат да станат членки на ЕУ, откако ќе ги исполнат условите. Но доколку ЕУ би продолжила да се дефинира како воен сојуз, тогаш земјите аспиранти за членство би требало да избираат меѓу една и друга воена алијанса. Затоа се укажува дека би било мудро, ЕУ, со оглед на источноевропското партнерство, да не заговара сопствена трансформација во воен сојуз. Дополнителна опасна дебата не е потребна.

Во меѓувреме ставовите на Доналд Трамп околу НАТО и неговата иднина тешко ќе можат да бидат заобиколени. Трамп всушност не се доживува како поранешен и подзаборавен американски претседател. Тој и понатаму ја држи својата Републиканска партија во челична прегратка и воопшто не е исклучено повторно да стане претседател на САД. Токму затоа, тоа што тој го зборува не може да се сфаќа само како некаков лапсус, туку и како егзистенцијална закана кон НАТО, а со тоа и кон Европа. Затоа се чини дека ќе биде потребно источноевропските земји, наместо постојано да бидат туркани во клинч меѓу НАТО и Русија, да имаат можност да станат дел на западната заедница на држави, но без притоа да мора да бидат и членки на воени сојузи.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons