Професионалните војници по 45 години ќе можат да останат во АРМ со договор на неопределено време
Професионалните војници кои ќе наполнат 45 години ќе добијат можност да останат во Армијата како цивилни лица, со трансформација на работниот однос од определено на неопределено време. Новото решение е дел од реформата со која трајно треба да се реши статусот на професионалните војници по навршувањето на оваа возраст, информираше министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Одлуката е донесена денеска на владина седница, а решението е договорено и усогласено со Армијата и војниците, соопшти Мисајловски на заедничка прес-конференција со началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и претставници на синдикалните здруженија во одбраната.
„Војниците конечно заслужено ќе можат да бидат задоволни и сигурни и по својата 45-та година. Остануваат сите опции – отпремнина и трансфер во институциите, но со оваа реформа отвораме можност секој војник да може да остане како цивилно лице во Армијата“, изјави Мисајловски и појасни дека станува збор за целосно ново решение, кое не е дел од Колективниот договор. Преговорите за договорот продолжуваат и во наредниот период.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, оцени дека ова е значајна вест за професионалните војници, имајќи предвид дека прашањето за нивниот статус по навршувањето на 45 години се провлекува повеќе од 15 години.
Според Лафчиски, професионалните војници кои ќе го трансформираат работниот однос ќе бидат распоредени во единиците каде што ќе ја извршуваат обврската за обезбедување на гарнизоните, касарните и имотот на Армијата.
„Ве уверувам дека не постои подобар персонал од професионалните војници кои ќе се одлучат да го трансформираат работниот однос за извршување на оваа обврска“, истакна Лафчиски.
Месечните примања на војниците, вклучително и сите додатоци на плата, ќе останат непроменети. Нивното пензионирање ќе се одвива според постојните правила и одредбите од колективните договори во Армијата.
Од следната година, според проценките околу 100 професионални војници би можеле да ја искористат оваа можност и да продолжат да работат во Армијата како цивилни лица.



