МакедонијаНајново

Протест и блокади на камионџиите по први септември ако нема решение за Шенген

Превозниците бараат да им се овозможи реално користење на сите 90 дена престој, без дополнително скратување поради начинот на пресметување на деновите при влез и излез од Шенген, објаснија од „Макам-транс“

По 1 септември ќе се знае дали ќе протестираат камионџиите од Македонија и од Западен Балкан и дали ќе има блокади по европските патишта.

Превозниците им дадоа рок на европските институции да го решат проблемот со правилото 90/180 за професионалните возачи, а ако од состанокот во Брисел што е закажан за првиот ден од септември нема конкретно решение, најавуваат протести кои, како што велат, овој пат нема да завршат по неколку денови, туку ќе траат до исполнување на нивните барања.

На денешниот состанок во Скопје, претставниците на превозничките здруженија порачаа дека не сакаат блокади и протести, бидејќи тие можат да предизвикаат штета и за превозниците и за економијата. Сепак, доколку на состанокот во Брисел не биде понудено конкретно решение, велат дека ќе мора да преземат мерки.

– Не сакаме да му наштетиме никому, ниту на Европската Унија ниту на нашите држави, а најмалку нам, на самите превозниците. Но, ако сме принудени, ќе организираме протести – изјави Биљана Муратовска, генерален секретар на „Макам-транс“.

Превозниците бараат да им се овозможи реално користење на сите 90 дена престој, без дополнително скратување поради начинот на пресметување на деновите при влез и излез од Шенген.

Тие инсистираат правилото да се применува прецизно – „минутата да биде минута, часот да биде час“ – и бараат да добијат јасен рок кога проблемот ќе биде решен.

Возачите стравуваат од проблеми на границите

Според превозниците, најголем проблем во моментов е неизвесноста на граничните премини. Тие тврдат дека различното толкување на правилото 90/180 од страна на службениците создава дополнителен ризик за професионалните возачи.

– Зависиме од поединци на граница и од начинот на кој ја толкуваат одлуката. Имаме тотална неизвесност – изјави Неџо Мандиќ од Србија.

Тој предупреди дека ситуацијата веќе влијае врз работењето на превозничкиот сектор. Според него, околу половина од возачите одбиваат да возат, бидејќи не знаат дали при враќањето ќе имаат проблем на границата. Превозниците нагласуваат дека нивната работа не може да се споредува со туристичките патувања. Професионалните возачи секојдневно ја минуваат границата во рамките на своите работни задачи и, во зависност од должината на турите, често мораат да престојуваат во земјите од Шенген.

Во Македонија со проблемот се соочуваат околу 17.000 професионални возачи, додека на ниво на Западен Балкан бројката достигнува околу 100.000 возачи.

Проблемот трае со месеци

Проблемот со примената на правилото 90/180 не е нов. Превозниците од земјава и од регионот веќе подолг период бараат посебно решение за професионалните возачи, предупредувајќи дека постојните правила создаваат сериозни проблеми за транспортниот сектор.

Превозниците од Западен Балкан претходно организираа и протести и блокади, со кои сакаа да извршат притисок врз европските институции и националните власти. По разговорите и најавите за изнаоѓање решение, протестите беа прекинати, но проблемот, според нив, не е трајно решен.

Сега очекувањата се насочени кон состанокот во Брисел на 1 септември. Превозничките здруженија велат дека се подготвени да бидат трпеливи дотогаш, но доколку нема конкретен напредок, протестите овој пат би можеле да траат сè до исполнување на нивните барања.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons