Трајко Недев: Во исклучително тешки услови, но сепак до висок пласман на Олимпијадата!
Македонските шаховски репрезентации денеска го завршија својот настап на Шаховската олимпијада во Узбекистан, а последниот натпреварувачки ден донесе победа за машката селекција над Јужна Африка (3:1) и женската селекција над Суринам (2,5:1,5).
Организациските проблеми предизвикаа многу компликации за сите учесници, а тоа го потенцира и селекторот Трајко Недев, кој во својата прва анализа на Олимпијадата го истакна и одличниот пласман на нашите шахисти и покрај специфичните услови во Узбекистан.
Како го оценувате настапот на македонската репрезентација на Олимпијадата?
Пред сè, мора да се каже дека настапивме во исклучително тешки услови. Сместувањето беше далеку од она што би го очекувале за една шаховска Олимпијада – имавме несоодветни соби, во дел од нив немаше сопствен тоалет и туш, а квалитетот на храната на моменти беше навистина проблематичен. За жал, здравствените проблеми се одразија врз целата екипа – практично сите имаа одредени проблеми со стомакот и температура.
Во такви услови, здравствениот статус во голема мера влијаеше врз составот и изборот на играчите за секој меч. На моменти едноставно играше оној кој беше во состојба да седне пред таблата и да одигра.
Дополнителен проблем беше и секојдневниот транспорт до салата, кој во еден правец траеше околу еден час. Тоа значи дополнително губење време и енергија во период кога играчите треба да бидат максимално концентрирани за партијата.
Имајќи го сето тоа предвид, 36. место на крајот е резултат кој заслужува респект. Стартувавме како 56-ти носител, а завршивме 20 места подобро од стартниот број. Дополнително, со пласманот обезбедивме и можност еден наш играч да настапи на Светскиот куп во 2027 година.
Како би ги оцениле индивидуалните настапи?
На првата табла, Емил Ристески одигра многу квалитетна Олимпијада. Неговиот перформанс беше 2453, а кога ќе се земе предвид силата на противниците со кои се соочи на првата табла, тоа е навистина одличен резултат.
На втората табла, Антон Златков направи голем чекор во својата кариера. Тој ја исполни ИМ нормата, со перформанс од 2467, и практично направи уште еден важен чекор кон освојување на титулата Интернационален мајстор. Тоа е една од најпозитивните индивидуални работи од оваа Олимпијада.
Од Тони Лазов очекувавме повеќе, но неговиот настап мора да се гледа и низ призмата на здравствената состојба. Во услови кога играчот не е физички подготвен, многу е тешко да се даде максимум на таблата.
Филип Панчески беше исклучително борбен. Заврши со перформанс од 2446, а особено впечатлив беше финишот – три победи во последните три кола. Тоа покажува карактер и способност да се подигне нивото на игра токму кога е најпотребно.
Никола Николовски исто така одигра солидно во најголем дел од турнирот. Последниот пораз го расипа конечниот резултат, но неговиот перформанс остана на 2351, што покажува дека одигра голем број квалитетни партии.
Што е најважно што го носите од оваа Олимпијада?
Ова е млада екипа и мислам дека најважно е да гледаме долгорочно. Имаме играчи кои допрва треба да се развиваат, да стекнуваат искуство и да покажуваат уште подобри резултати.
На оваа Олимпијада покажавме дека можеме да се носиме со силни противници и, и покрај сите проблеми со кои се соочивме, завршивме 36-ти, односно 20 места над стартната позиција.
За мене, како селектор, најважно е што играчите се бореа до последното коло. Резултатот, ИМ нормата на Златков и индивидуалните перформанси на првите табли се позитивни показатели дека оваа генерација има простор за понатамошен напредок.
Сега следува анализа на целиот настап – што направивме добро, каде можевме подобро и што треба да подобриме во подготовките за следните репрезентативни настапи. Ова не треба да биде крајна цел, туку една етапа во развојот на оваа млада репрезентација.
Македонската женска репрезентација на последниот натпреварувачки ден стигна до шеста победа на овој престижен турнир, па со дванаесет бодови го заврши настапот на делба на 63. место, односно со дополнителните критериуми е на 77. место во конечниот пласман.
Извор: Дерби.мк



