Актуелно

Првите пациенти во Гостивар биле примени на 13 јули вечерта

првите случаи на пациенти со дијариеа и повраќање од загадената вода биле регистрирани во доцните вечерни часови на 13 јули во болницата „Ферид Мурад“ во Гостивар, но не се исклучува можноста поединечни случаи да имало и претходно.

Најголемиот број заболени се од Гостивар, но симптоми имаат и жители од околните населени места, меѓу кои Вруток, Чегране, Чајле и Дебреште. Заболени има од сите возрасни категории, а најранливи се децата и лицата со хронични заболувања, реферираше денес министерот за здравство Сашо Клековски при посетата на болницата во Гостивар.

Во тек се анализи од страна на Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје и Општата болница во Гостивар. Се испитуваат примероци од вода, крвни анализи и копрокултури, а водата се проверува хемиски, физички, бактериолошки и паразитолошки, вклучително и за можни присуства на тешки метали.

Клековски посочи дека досега се направени само 18 епидемиолошки анкети и дека е потребен поголем број примероци за да може да се утврди точниот причинител. Тој упати апел до граѓаните да соработуваат со епидемиолошките служби.

Според досегашните сознанија, храната неофицијално се исклучува како можен извор на заразата, но конечниот одговор ќе го дадат надлежните институции по завршувањето на анализите.

„Здравствените власти внимателно ја следат состојбата и гарантираат соодветен здравствен одговор за сите пациенти“, порача министерот за здравство.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons