МакедонијаНајново

ПРАГА СЕ ВКУЧУВА ВО СПОРОТ СО СОФИЈА – „Ова веќе не е само ваша работа, туку на цела ЕУ!“

Европската Унија има силен интерес за проширување, а со тоа и интерес последните пречки за напредокот на Северна Македонија да бидат отстранети. Чешка е подготвена да придонесе во процесот за постигнување решение прифатливо за Скопје и за Софија, изјави денеска чешкиот министер за надворешни работи Петар Мацинка, кој се наоѓа во официјална посета на земјава.

-Тоа веќе не е билатерално прашање меѓу Северна Македонија и Бугарија, туку, врз основа на заклучоците на Европскиот совет од 2022 година, стана мултилатерално прашање. Значи, повеќе не е прашање само на две земји, туку прашање на сите земји, рече Мацинка на заедничката прес-конференција по средбата со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во Охрид.

Тој истакна дека Европската Унија треба да знае да го вреднува степенот на подготвеност на Северна Македонија за членство, огромната работа што земјата успеа да ја направи, но и отстапките што беше подготвена да ги направи во минатото.

Мацинка оцени дека станува збор за мултилатерално прашање и прашање на договор, при што, како што рече, мора да биде постигнат консензус. Тој при тоа нагласи дека Чешка смета оти способноста на ЕУ да постигнува консензус е исклучително важна, бидејќи Унијата за низа прашања не може да напредува без едногласност.

„Чешка застапува став дека не сакаме да го менуваме системот така што некои прашања би се решавале со квалификувано мнозинство, ниту сакаме да го намалуваме бројот на прашањата за кои е потребна едногласност. Затоа нагласуваме дека е неопходно да се постигне консензус“, рече Мацинка.

Тој додаде дека Чешка е подготвена да придонесе во процесот и дека сака да разговара за прашањето, нагласувајќи ги добрите односи што Прага ги има и со Северна Македонија и со Бугарија.

Мацинка информираше и дека чешкиот премиер Андреј Бабиш планира во следните три недели да ја посети Софија, при што прашањето би можело да биде една од темите на разговор.

„Јас сигурно ќе сакам да разговарам со него за ова прашање“, рече Мацинка.

Според него, целта треба да биде споровите да се надминат и да се постигне решение што ќе биде прифатливо за двете страни.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons