Македонија

Бесплатен Wi-Fi со брзина од 200 Mbps поставен на 72 локации во 64 општини низ Македонија

Вкупно 72 локации во 64 општини низ државата се опремени со бесплатен безжичен интернет со брзина од 200 мегабити во секунда, преку проектот „ЕУ за Западен Балкан – Wi-Fi во Северна Македонија“. Досега се регистрирани над 200.000 корисници и се пренесени повеќе од 115 терабајти податоци.

Ова беше истакнато денеска на завршниот настан за проектот, кој го спроведе ГИЗ во координација со Министерството за дигитална трансформација и Македонски Телеком, со поддршка од Европската Унија и Германија.

Евроамбасадорот Михаил Рокас нагласи дека проектот е конкретен пример за соработка во рамките на „Тим Европа“ и потврда за приоритетот што ЕУ му го дава на дигиталното поврзување:

„Свесни сме дека руралните и планинските подрачја сè уште немаат соодветна интернет-покриеност, па затоа треба да ги засилиме напорите и интернет пристапот да го направиме достапен и финансиски прифатлив за секој граѓанин. Истовремено, треба подобро да ги промовираме нашите активности и да обезбедиме сите да бидат информирани за нив, вклучително и туристите“

Рокас оцени дека 200.000 уникатни корисници се добар почеток и му честиташе на Министерството за дигитална трансформација за високите оценки во последниот Извештај на Европската комисија.

Германската амбасадорка Петра Дрекслер посочи дека суштината на иницијативата е дигиталната инклузија и обезбедувањето еднаков пристап до информации и јавни услуги за сите:

„Дигиталната инклузија не се однесува на тоа дали повеќето од нас можат да пристапат на интернет каде било и во кое било време, туку дали тоа можат да го направат сите. Јавниот Wi-Fi е како јавен парк или библиотека – дел од дигиталната инфраструктура што им припаѓа на сите. Тој обезбедува пристапот до информации, образование и јавни услуги да не зависи од големината на нечиј пакет за мобилен интернет или од квалитетот на мобилната мрежна покриеност“

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски информираше дека поради големиот интерес на локалните самоуправи, првичниот план од 40 општини бил проширен на 64 општини. Како можни локации за следната фаза тој ги посочи Свети Наум, Дебарското Езеро, Маврово и Кокино, нагласувајќи дека проектот е дел од националната стратегија „Смарт МК 2030“:

„Првично, проектот предвидуваше опфат на околу 40 општини, но интересот беше поголем. Општините понудија по три локации и со партнерите успеавме да го прошириме опфатот на 64 општини… Паралелно со развојот на електронските услуги, треба да ги подобруваме и условите граѓаните да ги користат тие услуги. Затоа што кога зборуваме за дигитализација, мора да мислиме и на човекот кој нема пристап до интернет или кому трошокот му е пречка. Нашата задача е да ги намалуваме тие пречки со конкретни решенија како ова“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons