„Безбеден град“ со светско признание, прогласен за најдобар проект за сообраќајна безбедност во Дубаи
Македонскиот проект „Безбеден град“ освои прва награда во категоријата за извонредност во сообраќајната безбедност на Светскиот полициски самит во Дубаи, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Според информациите објавени од Тошковски, проектот на МВР бил избран во конкуренција со полициски служби и институции од Сингапур, Абу Даби, Дубаи и индиската држава Махараштра.
За наградите пристигнале повеќе од 700 номинации од над 60 држави, распоредени во 13 категории.
Тошковски информираше и за намалувањето на бројот на загинати во сообраќајни несреќи во Македонија. Според податоците што ги презентираше, од јануари до октомври 2026 година на патиштата загинале 85 лица, наспроти 117 во истиот период минатата година и 119 во 2024 година.
Тој наведе дека од почетокот на примената на системот „Безбеден град“, во периодот од февруари до октомври, бројот на загинати е намален за 31,5 проценти.
Системот „Безбеден град“ автоматски регистрира сообраќајни прекршоци, меѓу кои пребрзо возење, минување на црвено светло и управување нерегистрирано возило. Неговото воведување започна во Скопје, Куманово и Тетово, како и на делови од Коридорите 8 и 10.
Тошковски порача дека наградата е признание и за полициските службеници, граѓаните и тимовите вклучени во реализацијата на проектот.



