Мицкоски: Градежната оператива е ангажирана, што значи подобра економска активност — ги решаваме децениските проблеми на граѓаните
Добар ден и од мене. Би сакал да се заблагодарам на градоначалникот на Општина Гази Баба, на советниците од Советот, на администрацијата, се разбира, без која не можат овие проекти да се случат, на пратениците коишто доаѓаат од Општина Гази Баба, на колегите од Владата, на ресорниот министер за животна средина и просторно планирање, затоа што за овој сложен проект како Влада одлучивме да биде еден од приоритетите со којшто ќе се гради Македонија како држава, а граѓаните ќе добијат подобри услови за живот. А сите овие проекти, кога ќе ја добијат својата форма онака како што се замислени, тогаш сигурен сум дека ќе имаме и голема додадена вредност врз квалитетот на животот на сите граѓани.
Денеска во Македонија на повеќе од 1.200 места се гради, нешто коешто за нас како Влада е многу значајно бидејќи на тој начин не само што се ангажира домашната оператива и претставува сериозен индикатор за подобра економска активност, туку и на овој начин овозможуваме да покажеме и докажеме дека децениски проблеми можело да се решат. Иако, се разбира, не можеме ние сè наеднаш да решиме со два повика, нешто коешто со децении не се правело, сепак мислам дека со ваквите проекти голем дел од тие приоритети на граѓаните ќе бидат решени и ќе можат да имаат поквалитетен живот тие и нивните семејства.
Она коешто за мене е исто така важно како претседател на Владата е фактот дека економската активност предизвикува и добри економски резултати, а во периодот којшто следи очекувам сè позасилена ваква активност, посебно во делот на градежништвото. Покрај овие проекти кои ги финансира Владата на целата територија на државата, ќе се појават 6 делници на автопати коишто ќе се градат. Овој месец официјално ќе започне изградбата, завршени се сите формални и останати процедури поврзани со автопатската делница Блаце – Скопје, мислам дека почетокот е закажан за 26 август. Сега не би сакал да ме држите за збор, но мислам дека таа беше датата. Конечно за овој децениски проект којшто беше најавуван имаме изведувач, а тоа е повторно домашна компанија, имаме надзор, сите, би рекол, услови се исполнети за да отпочне градбата на овој автопат.
Во септември очекувам уште една автопатска делница, а тоа е Букојчани – Кичево, исто така да започне и со засилена динамика да го привршуваме автопатот Кичево – Охрид. Очекувам делницата од Извор до Врбјани да биде пуштена отприлика во втората половина на октомври, а целокупната делница да биде во првиот квартал од следната 2027 година. Нормално, тука продолжуваме со засилена динамика на трите делници од Коридорот 8 и Коридорот 10д, а тоа се Прилеп – Битола, Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани. Сè на сè, отприлика 6 автопатски делници ќе се градат и тоа е исто така голема засилена градежна активност. Кога на тоа ќе се додадат и пругата (секција 2), којашто практично е дел од Коридорот 8 (источно крило), и секција 3, за којашто очекувам наскоро да биде објавен јавен повик бидејќи сите административни, би рекол, предизвици се надминати, тоа значи дека ќе имаме навистина интензивна градба. И ако биде сè како што треба, следи завршување на физибилити студијата и отпочнување на почетокот на следната година на Коридорот 10, доколку, се разбира, сите оние предизвици коишто ги имаме ќе бидат решени, а очекувам да нема пречка да се решат.
Така што градежништвото претставува еден од оние двигатели и носители на економската активност во Македонија. Сосема на крај, дозволете да се заблагодарам на сите: на градоначалникот, на советниците, на пратениците, на министерот, на колегите од Владата, на граѓаните за трпението и поддршката којашто ни ја даваат. Ние, повторно ќе кажам, не можеме сè да решиме — нешто што со децении било запоставувано и нерешавано — но ветуваме дека сето она коешто можеме да го решиме, па дури и повеќе од тоа, ќе се потрудиме да го испорачаме и решиме како Влада.



