Македонија отвора амбасада во Литванија со седиште во Вилнус
Владата донесе одлука за отворање Амбасада на Македонија во Литванија, со седиште во Вилнус, на предлог на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Од Владата информираат дека воспоставувањето постојано резидентно дипломатско присуство во Вилнус треба да придонесе за зајакнување на директниот политички дијалог меѓу двете земји, поефикасно застапување на националните интереси и унапредување на билатералната соработка.
Новата амбасада ќе има и поширока регионална улога, бидејќи ќе биде централна точка за покривање на останатите балтички држави во политичката, економската, културната, конзуларната и во други области од заеднички интерес.
Литванија е една од поактивните членки на Европската Унија и НАТО во областа на безбедносните политики и политиката на проширување на Унијата. Земјата континуирано го поддржува и процесот на европска интеграција на Македонија.
Односите меѓу двете земји, како што се посочува, се потврдени и со одлуката на литванската страна во ноември 2023 година да отвори Канцеларија во Скопје.
Со новата владина одлука, Амбасадата на Македонија во Варшава повеќе нема да биде надлежно дипломатско-конзуларно претставништво за Литванија на нерезидентна основа.



