Актуелно

Мицкоски: Царинската управа поставува нови стандарди, над 12 милијарди денари приходи во еден месец

Почитувани вработени и раководство на Царинската управа, 

Почитувани гости,

Денес одбележуваме 34 години од постоењето на Царинската управа- институција која има клучна улога во функционирањето на државата, во заштитата на економијата и во обезбедувањето стабилни приходи за буџетот.

Овој јубилеј е можност да се осврнеме на постигнатото, но уште повеќе да ги истакнеме резултатите што ги имаме денес.

Во изминатите 20 месеци, Царинската управа ги бележи најдобрите резултати во своето постоење. Остварени се највисоки приходи досега, што е јасен показател дека институцијата функционира поефикасно, поорганизирано и со поголема одговорност.

Особено значаен е фактот што за првпат е надмината границата од 12 милијарди денари приходи во еден месец. Тоа е резултат кој не доаѓа случајно, туку е производ на системски пристап, засилени контроли и подобра координација.

Овие резултати се дел од пошироките напори на Владата, која веќе 20 месеци работи на воспоставување ред во институциите, на намалување на сивата економија и на зголемување на ефикасноста во наплатата на приходите.

Кога ја презедовме одговорноста, не наследивме систем кој функционира беспрекорно. Напротив – затекнавме состојба на хаос, нарушени процеси и сериозно ослабена институционална поставеност. Систем кој со години бил запоставуван и руиниран.

Но денес, со право можеме да кажеме дека таа фаза е надмината. Нормализацијата е завршена. Поставен е ред, воспоставени се правила и институцијата повторно функционира како што треба- во служба на државата и граѓаните.

Со конкретни мерки, со дигитализација на процесите и со јасна определба за борба против корупцијата, создадовме систем кој дава резултати. Царинската управа е еден од највидливите примери за тоа.

Во таа насока, сакам да упатам посебна благодарност и признание до директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, за неговото раководење, посветеност и резултатите кои ги постигнува институцијата под негово водство.

Истовремено, важно е да се истакне и одличната координација и заедничка работа со министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска. Тоа партнерство, таа синергија, е еден од клучните фактори за постигнатите резултати.

Кога институциите работат како тим, кога има заедничка визија и јасна цел- резултатите не изостануваат.

Нашата цел е да продолжиме во оваа насока- со дополнително унапредување на капацитетите, со модернизација на системите и со создавање услови за побрза и поефикасна услуга за стопанството, но и со цврст пристап кон спречување на нелегалните активности.

Почитувани,

Зад овие резултати стои трудот на сите вработени во Царинската управа. Вашата работа е значајна и видлива, а придонесот што го давате е од суштинско значење за функционирањето на државата.

Во име на тоа би сакал да Ви се заблагодарам за вашата посветеност и професионалност.

Нека овој јубилеј биде поттик за уште поголеми резултати во периодот што следи.

Честит 34-ти јубилеј на Царинската управа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons