Големи температурни разлики утрово низ Македонија – УХМР најавува лош пресврт со времето
УХМР ги измери температурите низ Македонија, утринава во седум часот. Според податоците на синоптичарите, денеска, четврток, 29.10.2026, најстудено е на Попова Шапка, каде се измерени само 3 степени.
Следат Маврови Анови и Радовиш со 4 степени, како и Крушево и Претор со по пет степени утринска температура.
Од друга страна, во седум часот УХМР измери 13 степени во Гевгелија, со што повторно е најтоплиот град во Македонија, и ова утро како и речиси секое друго.
Во Скопје во седум часот УХМР измери температура од 10 степени.
Денеска времето ќе биде променливо облачно, со повремени сончеви периоди. Во одделни котлини, во утринските часови, ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, кој повремено ќе засилува, особено долж Повардарието.
Минималната температура ќе се движи од 3 до 10 степени, а максималната ќе достигне од 12 до 19 степени Целзиусови.

Во Скопје ќе преовладува претежно облачно време, со услови за утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, кој во одделни делови од котлината повремено ќе засилува. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во наредниот период се очекува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. Пообилни врнежи се најавуваат за недела и почетокот на следната седмица. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на магла, а до крајот на периодот ќе дува слаб до умерен ветер, претежно од северен правец.



