Во Белгија избувна голем шумски пожар, членките на ЕУ испратија хеликоптери и канадери
Земјите членки на ЕУ испратија три хеликоптери и два канадери за да ѝ помогнат на Белгија во гаснењето на пожарите на истокот од земјата, изјави европската комесарка за управување со кризни ситуации.
Белгиските власти побараа итно засилување за да го стават под контрола најголемиот пожар што ја зафати земјата во последните децении.
Огнената стихија го зафати От Фањ, најголемиот природен резерват во Белгија, а пожарот таму гори од петокот. Локалните пожарникари, земјоделците и војската се распоредени на местото на настанот за да се обидат да спречат ширење на пожарот.
До сабота напладне изгореа околу 1.600 хектари, пренесуваат локалните медиуми, повикувајќи се на податоци од гувернерот на покраината Лиеж.
Ова е најголемиот пожар некогаш регистриран во Белгија, поголем од оној во 2011 година, кога изгореа речиси 1.400 хектари, според податоците од Европскиот информациски систем за шумски пожари (ЕФФИС).
Европските земји, вклучувајќи ја и Белгија, беа погодени од петтиот топлотен бран ова лето, што дополнително ги интензивира топлите и суви услови кои се погодни за појава и ширење на шумски пожари.



