Јуниорите го освоија 14. место на Европското првенство – Дивизија Б
Македонската машка кошаркарска репрезентација „Под 18“ години го заврши настапот на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Хрватска со пораз од селекцијата на Велика Британија. Во натпреварот за конечен пласман, британските кошаркари славеа со 83:73, со што Македонија го освои 14 место во конечниот пласман.
Македонија подобро го отвори натпреварот и по првите 10 минути имаше предност од 21:18. Во втората четвртина Велика Британија успеа да ја преземе иницијативата, ја доби со 25:18 и на полувремето замина со водство од 43:39. Еден од клучните фактори во првото полувреме беше скок-играта. Нашата селекција му дозволи на противникот целосна контрола под кошевите, а британските кошаркари имаа речиси двојно повеќе скокови (25 наспроти 13), што значително влијаеше врз текот на натпреварот.
И во третата четвртина се водеше рамноправна борба. Македонија не дозволи противникот значително да ја зголеми предноста, но Велика Британија во последниот период влезе со пет поени позитива (59:54). Во решавачките 10 минути британската репрезентација успеа да стигне до двоцифрена предност.
Нашите јуниори се обидоа да се вратат во натпреварот и на помалку од две минути до крајот намалија на 71:79, но противникот ги реализираше следните два напади, ја зголеми разликата на 83:71 и го реши победникот.
Најефикасен во македонскиот состав беше Данев со 16 поени, три скока и три асистенции. Ѓиноски постигна 14 поени, капитенот Ѓорѓевиќ натпреварот го заврши со дабл-дабл учинок од 14 поени и 10 асистенции, на кои додаде и четири скока, додека Цветковски реализираше 10 поени.



