Вардар демонстрира сила и убедливо го победи Пелистер
Ракометарите на Вардар славеа против Еурофарм Пелистер во првото вечно дерби оваа сезона со 31-21 во Суперлигата на Македонија.
„Црвено-црните“ имаа резултатски неизвесно прво полувреме, но по паузата ја презедоа целосната контрола и стигнаа до убедлива победа.
Битолчани беа рамноправен противник во првиот дел, во кој Вардар на паузата замина со предност од 15-12. Кузмановски беше главниот адут на гостите, но домаќините имаа повеќе расположени ракометари и успеаја да ја задржат предноста.
Клучната разлика беше направена по паузата. Вардар ја искористи играта на Еурофарм Пелистер без голман, постигна неколку лесни погодоци и постепено ја зголемуваше предноста. Гогов се истакна со важни одбрани, додека Педро, Стојановски, Фадуил и Малус беа меѓу играчите кои го предводеа домашниот напад.
Пред завршните десет минути Вардар веќе имаше високи седум гола предност, па до крајот рутински ја зачува убедливата разлика и му го нанесе првиот пораз на големиот ривал во меѓусебните дуели оваа сезона.



