Шведска склучи договор со Франција: купува четири фрегати за 3,5 милијарди евра
Шведска потпиша договор со француската компанија Навал груп за набавка на четири нови фрегати. Договорот беше склучен во Стокхолм на церемонија на која присуствуваа францускиот претседател Емануел Макрон и шведскиот премиер Улф Кристерсон, пишува Ројтерс.
Шведска уште во мај ја објави намерата да нарача бродови од францускиот производител.
Вредноста на договорот изнесува 3,5 милијарди евра, а со инвестицијата ќе се зголемат капацитетите на противвоздушната одбрана на земјата за трипати, имајќи ги предвид безбедносните услови во Балтичкото Море.
Како најнова членка на НАТО, Шведска забрзано ја зајакнува својата армија по руската инвазија на Украина. Првата од четирите нови фрегати треба да биде испорачана во 2030 година, а тие воедно ќе бидат и најголемите бродови во составот на шведската воена морнарица.
Договорот е постигнат во време кога Франција и Шведска ја продлабочуваат својата одбранбена соработка. Двете земји се залагаат за поголема воена самостојност на Европа.
На таквиот пристап делумно влијаат и сомнежите во посветеноста на американскиот претседател Доналд Трамп кон европската безбедност, поради што владите ширум континентот ја преиспитуваат зависноста од американското оружје и безбедносните гаранции.



