Финансиска полиција поднесе кривична пријава за даночно затајување тешко 4,7 милиони денари
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против три физички лица и едно правно лице поради сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“.
Според соопштението, пријавени се управителот Д.П., сопственикот и овластен потписник Г.З., поранешниот сопственик И.Ѓ., како и правното лице со кое управувале.
Како што наведува Финансиската полиција, осомничените во април 2024 година договориле и реализирале продажба на линија за производство на кабли во вредност од 14.514.000 денари, без трансакцијата да биде евидентирана во сметководствената документација на компанијата.
Дел од средствата, во износ од 2.701.189 денари, според истрагата, биле префрлени на лични банкарски сметки и сметки на блиски лица, додека дел од продажбата бил реализиран преку компензација со патничко возило и кабли, кои исто така не биле евидентирани во деловните книги.
Дополнително, управителот, како што наведува Финансиската полиција, не ги отпишал и не ги оданочил неплатените обврски кон домашни и странски добавувачи од 2022 година, во вкупен износ од над 17,3 милиони денари.
Со овие дејствија, осомничените, според пријавата, не пресметале, не пријавиле и не уплатиле данок на додадена вредност, данок на добивка и персонален данок на доход, со што го оштетиле државниот Буџет за вкупно 4.677.362 денари.
За случајот е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје, кое ќе одлучува за понатамошниот тек на постапката.



