МакедонијаНајново

Фотелјата ја замени продавницата: Македонците сè почесто купуваат преку интернет

Домашните е-продавници привлекуваат и странски купувачи. Е-трговијата во Македонија продолжува да расте со двоцифрени стапки, додека бројот на онлајн трансакции се приближува до 8 милиони.

Шопингот од дома станува навика кај Македонците. Ова го потврдуваат и последните податоци на Народната банка на Македонија анализирани од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ). Според анализата во првиот квартал од 2026 година, граѓаните и странските купувачи реализирале онлајн трансакции во вредност од 265,95 милиони евра, што е раст од 18,1 отсто во споредба со истиот период минатата година. Од Асоцијацијата покажуваат дека дигиталната трговија продолжува да се шири, а македонскиот онлајн пазар станува сè поактивен. Од вкупниот износ, 156,24 милиони евра биле потрошени кај македонските е-трговци, што претставува годишен раст од 16,5 отсто.

Најголем дел од средствата доаѓаат од домашните купувачи. Македонските корисници на платежни картички реализирале трансакции во вредност од 140,12 милиони евра кај домашни онлајн продавници. Но, сè поинтересен е и трендот на странски купувачи. Тие во првите три месеци од годината потрошиле 16,2 милиони евра кај македонски е-продавници, што е зголемување од дури 32,5 отсто. Ова покажува дека домашните компании сè повеќе успеваат да излезат надвор од границите и да привлечат клиенти од странство.

Македонците не се откажуваат од странските веб-продавници

И покрај растот на домашната понуда, македонските потрошувачи продолжуваат активно да купуваат и од странски онлајн продавници. Во првиот квартал од 2026 година, кон странски е-трговци биле реализирани трансакции во вредност од 109,71 милиони евра. Тоа е раст од 20,3 отсто во однос на истиот период лани. Популарноста на онлајн купувањето расте поради поголемиот избор на производи, достапноста на услугите и сè поголемата навика на граѓаните да плаќаат дигитално.

Растот не се гледа само преку потрошените средства, туку и преку бројот на купувања. Во периодот јануари–март 2026 година биле реализирани 7,66 милиони онлајн трансакции, што е 16,4 отсто повеќе од истиот период минатата година. Кај домашните е-продавници бројот на трансакции достигнал 3,97 милиони, со раст од 17,5 отсто. Најголемо зголемување има кај странските купувачи кои плаќаат во македонски онлајн продавници. Бројот на нивните трансакции е зголемен за 44,4 отсто, што е јасен сигнал дека домашниот е-комерц станува поатрактивен.

Интересен тренд е дека просечната вредност на една онлајн трансакција кај домашните продавници благо се намалува. Кај домашните купувачи просечната сметка се намалила од 36 на 35,3 евра, додека кај странските купувачи кај македонските е-продавници паднала од 41,3 на 37,9 евра. Тоа укажува дека потрошувачите почесто прават помали набавки, наместо поретки и поголеми купувања.

 Нови 59 онлајн продавници за само три месеци

Развојот на секторот се потврдува и со бројот на нови компании што се приклучуваат на дигиталниот пазар. Во првиот квартал од 2026 година биле отворени 59 нови онлајн продажни места, што покажува дека сè повеќе бизниси ја препознаваат е-трговијата како можност за раст. Од АЕТМ оценуваат дека двоцифрениот раст на трансакциите и зголемениот интерес од домашни и странски купувачи се доказ дека онлајн трговијата станува важен дел од македонската економија.

Трендот покажува дека дигиталното купување повеќе не е само алтернатива, туку станува секојдневен избор за сè поголем број потрошувачи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons