РЕЈТИНГ НА ПОЛИТИЧАРИТЕ: Резултатите изненадуваат, високи функционери имаат исклучително низок рејтинг
Двојно повеќе граѓани би гласале за опозициската ВМРО-ДПМНЕ на наредните парламентарни избори, а исто така двојно поголем е рејтиног на Христијан Мицкоски во однос на премиерот Димитар Ковачевски, сугерира нова анкета на МаркетВижн спроведена меѓу 5 и 16 јуни, пренесува МКД.
Сепак, 43 отсто од гласачите одговориле дека нема да гласаат, дека не знаат за кого ќе гласаат или дека ќе го поништат ливчето.
Од оние кои ќе гласаат, најголема поддршка има ВМРО-ДПМНЕ со 22 отсто, потоа е СДСМ со 11,5 отсто, ДУИ со 9,2 отсто, Левица со 5 отсто, Алијанса за Албанците со 3,5 отсто, БЕСА со 2,6 отсто, Алтернатива со 0,7 отсто и други.
Речиси две третини од гласачите немаат доверба во ниту еден партиски лидер. Од оние кои се изјасниле 12 отсто имаат доверба во Христијан Мицкоски, 6,1 отсто во Димитар Ковачевски, Али Ахмети ужива доверба од 5,9 отсто, Димитар Апасиев од 3,7 отсто. Меѓу другите кандидати, поранешниот премиер Никола Груевски ужива доверба од 2,9 отсто.
Половина од испитаниците или 51,9% сметаат дека формирање на коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ би било добро за Македонија, додека само 30,7% веруваат дека истата би можела да функционира успешно. За гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, најмалку прифатлива опција е коалицијата на нивната партија со ДУИ, при што дури 70,7% се изјасниле против оваа можност.Според етничката припадност за ВМРО-ДПМНЕ освен Македонците би гласале и Србите и Турците и Ромите и Власите…, но не и Албанциуте.
За СДСМ освен Македонците, би гласале и Албанци и Роми и Срби и Турци.
ВМРО-ДПМНЕ води и пред СДСМ на прашањето која партија може да понуди и реализира најдобра економска програма. Но, 60 отсто од граѓаните сметаат дека ниедна од постоечките партии нема капацитет за ова.
Она што особено остава впечаток е рејтингот од 0,2% на претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој на листата е последен заедно со поранешниот премиер, Зоран Заев.
Приближно половина или 43,6% од испитаниците сметаат дека најголем проблем во државата се економијата, невработеноста, зголемувањето на цените на струјата и на горивата, но и намалената стопанска активност.
Дури 55,5 отсто сметаат дека земјата се движи во негативна насока, а 26,3 отсто дека стои во место. Речиси 80 отсто сметаат дека корупцијата во државата се зголемува.
Анкетирањето на МаркетВижн било спроведено од 5 до 16 јуни 2023 година со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници со ниво на статистичка грешка од 3% и интервал на доверба од 95%.
Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.
Целото истражување и резултати, може да ги погледнете тука.
ФОТО: Screenshot mkd.mk