Отворени осум пункта за наплата на казни на „Табановце“ поради долгите колони на патници
По огромниот сообраќаен метеж и километарските колони што се создадоа на граничниот премин Табановце, надлежните воведоа дополнителна мерка за да се забрза постапката со странските возачи кои имаат неплатени сообраќајни прекршоци.
Од вчера на преминот се ставени во функција осум посебни пункта за проверка и наплата на казните евидентирани преку системот „Безбеден град“, познат и како „Сејф сити“. Мерката е воведена откако примената на системот за странските возила предизвика значително забавување на излезот од државата.
Кога странско возило ќе пристигне на Табановце, системот проверува дали за неговата регистарска ознака постои претходно евидентиран сообраќаен прекршок. Доколку има неплатена глоба, возачот се известува за прекршокот и се упатува на пунктот каде што може да ја регулира обврската.
Според информациите од терен, целата постапка за проверка и наплата трае околу 15 минути по возач, што во периоди со зголемен број патници може значително да влијае врз протокот на возила. Токму затоа се отворени дополнителните пунктови, со цел повеќе возачи истовремено да можат да ги завршат обврските.
Примената на механизмот за странските регистарски таблички започна на 19 август.



