Спорт

Лазаров: Фаворити сме против Луксембург, но мора да бидеме претпазливи

Ракометната репрезентација на Македонија од денеска ги почнува подготовките за престојните квалификациски натпревари за Европското првенство против Луксембург и Грција.

Денеска ракометарите се појавија на закажаниот собир, со исклучок на играчите од Вардар и Пелистер кои денеска имаат дуел. Селекторот Кире Лазаров повикува на претпазливост против Луксембург и покрај тоа што е јасно дека Македонија е голем фаворит.

„Имаме искуство во вакви натпревари од квалификации за Европско првенство, првиот противник е Луксембург. Нема да бегаме од улогата на фаворити, сепак треба да знаеме дека имаат нов селектор со големо искуство, докажан и токму затоа тука ќе барам малку претпазливост. Немаме никаков видео материјал на кој начин сега Луксембург би играл со Динар. Немаме премногу време, ќе бидеме конкретни и прецизни во припремите и се надевам дека ќе излеземе подготвени на терен“, вели Лазаров.

Една од новините во составот е Дмитро Хориха, кој неодамна доби македонско државјанство и сега има право да го носи дресот на националниот тим. Лазаров смета дека неговото присуство ќе ја зголеми конкуренцијата во репрезентацијата, посочувајќи ги и неговите квалитетни настапи во Вардар и Сегед.

„Го искористивме моментот со Дмитри да игра за Македонија, тој е квалитетен играч кој покажа дека има квалитет, играше одлично во Вардар каде што беше важен во освојувањето на титулата. Сега е во Сегед, каде што исто така е важен. Со него добиваме конкуретност во репрезентацијата за носење на дресот на репрезентацијата“.

Лазаров го потенцираше отсуството на ракометарите на Вардар и Пелистер.

„Не сме комплетни, ни фалат играчите од Пелистер и Вардар, тоа е нова ситуација, мораме да ја прифатиме, нема да се жалиме и да плачеме. Порано не беше така, но ние нема да бараме алиби и се надевам дека сите ќе останат здрави и уште вечер ќе ни се приклучат во хотелот. Јас сакам сите да добиваат шанса и да бидат здрави за да ни помогнат на Европското првенство“, изјави Лазаров.

Првиот квалификациски натпревар против Луксембург Македонија го игра в среда со почеток од 19:00 часот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons