Индекс на мизерија: Најнесреќни земји во светот се Зимбабве, Венецуела и Сирија, Македонија се најде на 39. место
Годишниот индекс на несреќни земји на Ханке ги позиционираше Зимбабве, Венецуела и Сирија на првото место на најнесреќни земји од вкупно 157 земји кои се на листата.
Македонија го зазема 39. место, заедно со азиската држава Мјанмар, со 50,4 поени, а како главна причина за несреќено живеење се наведува невработеноста. За главни фактори се земени збирот на невработеноста на крајот на годината (помножена со два), инфлацијата и стапките на банкарските камати, минус годишната процентуална промена на реалниот БДП по глава на жител.
Пред Македонија на листата на несреќни држави од регионот се најдоа Црна Гора на 34. место со 52,6 поени и нешто повисоко на листата е Босна и Херцеговина, на 18. место со 75,9 поени. Србија се најде на 54. со 41,1 поен.
Ниско на листата се најдоа Грција на 84 место, потоа Албанија на 97 место, а веднаш по нејзе е Хрватска на 98 место, додека Бугарија се позиционираше на 101. место, а Словенија на 118.
Последна на листата е Швајцарија, со само 8,5 поени, а причината за несреќа е невработеноста.
Британија е понесреќна од минатата година, искачувајќи се од 153-то на 129-то место на скалата.
Спротивниот тек го следеа САД , кои паднаа од 102 на 134 место.
Првите десет сè уште ги сочинуваат Либан, Судан, Аргентина, Јемен, Украина, Куба и Турција, односно земји кои се во средината на конфликти и длабока економска криза.