Измами со километражата на возилата во Македонија, полицијата и царината во „лов“ на манипулаторите
Доколку купите возило и подоцна откриете дека километражата му е враќана, веднаш пријавете во полиција, препорачуваат од Министерството за внатрешни работи. Надлежните институции наведуваат дека секоја година се регистрираат стотици случаи на измама, а во првиот квартал од оваа година граѓаните поднеле десетици пријави за вакви дела. Се работи за случаи и кај поединечни трговци и кај компании кои увезуваат половни автомобили од странство и им ја намалуваат километражата со цел да ги продадат по повисока цена.
„Во 2025 година се регистрирани вкупно 326 кривични дела ‘измама’, за кои се пријавени 243 сторители. Во периодот јануари–март 2026 година се регистрирани 96 кривични дела за ‘измама’, за кои се пријавени 101 сторител. Во нашиот оперативен систем не се води посебна категорија за трговци со возила кои манипулираат со километража, но од овие бројки има значителен број пријави поврзани со вакви измами“, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.
Од Царинската управа наведуваат дека при царинење и хомологација на возило мора да се утврди реалната километража, а доколку се открие манипулација, возилото може да биде конфискувано. Заменик-директорот Даути апелира граѓаните кои стануваат жртви на вакви измами веднаш да пријават во полиција и царина, за надлежните да преземат мерки.
„Преземени се низа мерки против сите кои извршиле злоупотреби од ваков тип. Нашите служби за разузнавање и истраги постојано се на терен за прибирање детални информации со цел откривање и казнување на овие злоупотреби. Денес системите се пософистицирани и им помагаат и на граѓаните, кои често при купување возило прво прашуваат дали километражата е враќана“, истакна Мустафа Даути, заменик-директор на Царината.
Според податоците на Царинската управа на РСМ, во првите три месеци од оваа година се царинети околу 16 илјади возила, од кои околу 70% се користени и увезени од Западна Европа. Во 2025 година во земјата за првпат се регистрирани 69.400 возила, при што доминираат автомобили од Германија, Швајцарија, Италија, Франција и Австрија. Надлежните посочуваат дека во овие бројки се вклучени и автобуси, минибуси, камиони и други моторни возила, што укажува на голем обем на увоз на половни автомобили во земјата.



