Свет

ЕУ предлага постепена интеграција за идните членки, посебен аранжман за Украина

Европската комисија денеска објави предлог за расправа за идното проширување, во кој на земјите кандидатки им се нуди постепена интеграција, но со заштитни клаузули што треба да обезбедат новите членки да го почитуваат она на што се обврзале во преговорите.

Во документот насловен „Подготовка за поширока Унија“, Комисијата предлага насоки и практични чекори потребни за идните проширувања.

Земјите кандидатки би можеле да учествуваат во одредени политики на Унијата уште пред формално да станат членки, под услов да ги исполнуваат потребните критериуми. Тоа би требало да им помогне во зајакнувањето на административните капацитети и подготвеноста за пристапување, а би требало да донесе и конкретни придобивки за граѓаните и компаниите, како во ЕУ, така и во земјите што се подготвуваат за членство.

Комисијата одлучи да предложи постепена интеграција откако земјите членки не ја прифатија идејата за таканаречено „обратно“ членство, според која земјата кандидатка формално и правно би станала членка на Европската Унија значително побрзо отколку во редовната постапка, но во почетокот би ѝ биле ускратени одредени права и придобивки сè додека не ги исполни сите критериуми за членство.

На забелешките дека постепената интеграција би можела на некој начин да го забави влезот во полноправно членство, во Комисијата велат дека всушност станува збор за забрзување на процесот.

„Тоа му помага на процесот на проширување и воопшто не е алтернатива на членството“, изјави извор од Комисијата.

За земјите кандидатки да можат да имаат конкретни придобивки преку постепената интеграција, тие, меѓу другото, ќе мора да се усогласат со ЕУ во стратегиски области, како што е заедничката надворешна и безбедносна политика.

„Едноставно кажано: придобивките ги нудиме порано, но тоа истовремено значи дека и некои барања мора да се исполнат порано“, рече изворот од Комисијата.

Комисијата предлага заштитни механизми во идните договори за пристапување што би овозможиле санкционирање на новите членки доколку назадуваат во демократските стандарди или ги прекршуваат принципите и вредностите врз кои е заснована Унијата. Во најтешките случаи тоа би можело да доведе и до одземање на правото на глас.

Комисијата предлага пакет секторски заштитни мерки во три области: економијата, внатрешниот пазар и правосудството и внатрешните работи. Вакви мерки постоеле и во претходните договори за пристапување, но можеле да бидат активирани најмногу три години по влезот во ЕУ.

Според извори од Комисијата, сега тој период би можел да биде продолжен на 10, па дури и на 15 години. Се предлага и нова институционална заштитна клаузула што би се активирала во случај на тешко прекршување на основните вредности врз кои почива ЕУ и принципот на искрена соработка.

Комисијата предлага за одлуката за активирање на оваа клаузула да не биде потребна едногласност на сите земји членки, освен земјата против која се поведува постапката, туку да се применуваат други начини на одлучување, како обратното квалификувано мнозинство или суперквалификуваното мнозинство.

Обратното квалификувано мнозинство е посебна постапка на гласање во која предлогот се смета за усвоен доколку мнозинството не гласа против него. Тоа е значително побрз начин на одлучување бидејќи е многу потешко да се собере мнозинство земји што активно би гласале против некој предлог отколку за него.

Комисијата предлага и новите членки да се обврзат дека нема да го користат правото на вето кога станува збор за одлуките на ЕУ за идните проширувања, односно во ограничен временски период да не ги блокираат идните проширувања поради билатерални спорови.

Комисијата истакнува дека постојната договорна рамка и идните договори за пристапување можат да ја подготват Унијата за поголем број членки. Во предлогот се наведува дека проширувањето останува процес заснован на заслуги, односно на исполнување на условите и спроведување реформи во земјите кандидатки.

За да се овозможи побрзо донесување одлуки во проширената Унија, Комисијата препорачува, наместо формална и долготрајна измена на европските договори, да се користат таканаречените „премостувачки клаузули“, кои овозможуваат премин од одлучување со консензус кон одлучување со квалификувано мнозинство. Но за да може да се користат овие клаузули, потребна е едногласна одлука на сите земји членки.

Комисијата предлага користење на овие механизми за преминување кон одлучување со квалификувано мнозинство во областитњ како што се воведувањето санкции, сузбивањето даночни измами и фискалните мерки во енергетската политика. Притоа се предвидени соодветни заштитни мерки за важните национални интереси.

За да се забрзаат пристапните преговори, Комисијата препорачува гласање со квалификувано мнозинство за отворање на преговарачките кластери, затворање на поглавјата и другите меѓучекори, додека едногласноста би останала услов за завршување на пристапниот процес.

Во моментов, за секој чекор при отворањето кластери и затворањето поглавја е потребна едногласна одлука на сите земји членки.

За да ги смири земјоделците во земјите членки што се големи земјоделски производители, како Франција и Полска, Комисијата предлага посебен аранжман за Украина. Бидејќи станува збор за голема земја и голем извозник на земјоделски производи, Украина би добивала значително ограничени земјоделски субвенции и би имала ограничен пристап до пазарот за чувствителните земјоделски производи.

Во Комисијата објаснуваат дека Украина пред руската инвазија извезувала житарки речиси исклучиво во Северна Африка и на Блискиот Исток и дека пренасочувањето на тие производи кон европскиот пазар би можело да предизвика сериозни нарушувања во снабдувањето на тие земји.

Комисијата најави и дека пакетот за проширување за 2026 година, кој ги содржи извештаите за напредокот на земјите кандидатки, ќе биде објавен на 28 октомври.

Во тој пакет ќе бидат објавени и рамковни планови за четирите кандидатки што најмногу напреднале во процесот на пристапување — Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина — под услов да го задржат темпото на реформите. Тие конкретни планови ќе содржат и рамковни рокови за одделните етапи во процесот на пристапување.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons