Свет

Брисел официјално предложи да нема вето во преговорите за членство во ЕУ, а новите членки да се интегрираат постепено

Еврокомесарката за проширување Марта Кос ја претстави новата реформа за проширување на Европската унија, преточена во документот „Подготовка за поширока Европа“, во која се предвидени значителни измени во начинот на кој во ЕУ се одлучува за преговорите и за приемот на нови земји членки.

Кос најави нова политика на ЕУ која најмногу ја засега Македонија – укинување на ветото во процесот на преговорите и оддалечување од одлучувањето во Унијата со консензус. Сепак, ветото останува како можност на самиот крај на пристапниот процес, кога за самото пристапување на една земја и натаму ќе биде потребна едногласна одлука на сите членки. Во име на Европската комисија, Кос предложи Европскиот совет „да се согласи на примена на гласање со квалификувано мнозинство за отворање на преговарачките кластери и за други меѓучекори во преговорите за пристапување“, но нагласи дека на крајот секоја актуелна членка сепак ќе има право да стави вето.

ЕК му препорачува на Советот да го „оптимизира користењето на сите веќе постојни механизми за побрзо носење на одлуки (т.е. за спречување блокади)“, заклучувајќи дека проширувањето е можно и дека и ако има предизвици, има начини тие да се решат. Генерално, од преставувањето на новите мерки се добива впечаток дека целта многу повеќе била да се омекнат противењата кон проширувањето во земјите членки, отколку да им се олесни патот на земјите кандидати, поради што се отвора и „резервна врата“ – отпочнување на процес за постепена интеграција во ЕУ, кој ќе подразбира постепено вклучување пред се во единствениот пазар, а потоа и во други политики на Унијата.

Во тој контекст, Кос порача дека постепената интеграција нема да биде замена за членство и дека ќе има два клучни услови за напредок – прогрес околу реформите и усогласеност со стратегиските цели и политики на Унијата како нов услов. Процесот, како што најави еврокомесарката, нема да оди само напред, туку и назад, односно ќе има повеќе заштитни мерки за земјите кандидатки што ќе назадуваат во владеењето на правото, почитувањето на човековите права или прават сериозни прекршувања на Членот 4 на Договорот за ЕУ, кој предвидува меѓусебно почитување на територијалниот интегритет, национален суверенитет и идентитет, како и „пактот за ненапаѓање“ на ЕУ. За тие што ќе покажат сериозни кршења на овие услови предвидено е кратење на финансиската помош дури и ако станат полноправни членки, одземање на гласачките права, а наедно и забрана како нови членки да ставаат вето за прием на други кандидатки за влез во Унијата.

Еврокомесарката најави дека на 29 октомври ќе бидат преставени патоказите за четирите земји што се најнапреднати во процесот на интеграција, меѓу кои не е Македонија поради неисполнување на условот за измена на Уставот. Кос на крајот нагласи дека не сакаат да создадат ЕУ со две брзини туку сакаат земји членки во кои ќе има целосно владеење на правото. 

Во документот што го претстави Кос меѓу другото пишува дека „земјите опфатени со процесот на проширување мора да воспостават функционални демократски институции и независни и ефикасни правосудни системи, да спречуваат и гонат корупција, да ги почитуваат основните права (вклучително недискриминацијата, родовата еднаквост и правата на припадниците на малцинствата), да ја штитат слободата и плурализмот на медиумите и да одржуваат ефикасен систем на проверки и рамнотежа на власта. Покрај тоа, ревидираната методологија за проширување од 2020 година бара активностите за борба против корупцијата да бидат интегрирани преку силен фокус во релевантните преговарачки поглавја, а законодавните и институционалните реформи мора да дадат веродостојни резултати“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons