МакедонијаНајново

Д-р Пановски: Серација е отпорна и опасна бактерија, 30 години издржа во шише

Бактеријата серација за која постои сомнеж дека е причина за смртта на 52-годишната жена во болницата во Прилеп не е реткост. Доктор Никола Пановски во изјава за МКД.мк појаснува дека се работи за многу отпорна бактерија која може да остане жива со години само во обична вода. Пред неколку дена во прилепската болница пациентка почина по направена киретажа откако добила сепса од бактерија, а сомнителни се уште неколку смртни случаи. Од серација во 1993 година, вели д-р Пановски, еден или двајца пациенти кои се оперирале од катаракта на Очната клиника во Скопје останале без око. Во овие случаи бактеријата не навлегла во крвта и морало да им биде извадено окото кое било инфицирано за да им се спаси животот.

„Стафилококата најверојатно не е причина за смрт кај пациентите бидејќи стафилококата ја има. Серација е бактерија која ја изолираме и не е реткост и ако се рамножи и навлезе во крвта е опасна и предизвикува смрт, бидејќи ретко кога може да го погодите антибиотикот. Во случаите кога ја има оваа бактерија ретко кога се зема хемокултура и овде во овој случај се е направено. Веројатно кога веќе било доцна откриена и кога вие во доцен период ќе давате антибиотик по шема за таква бактерија, тој нема да делува на неа. Во 1993 имаше епидемија на очна клиника каде луѓе после операција ја добија истата оваа бактерија и еден или двајца останаа без око, а другите кои се оперираа се спасија. Тоа беше операција на катаракта, обична операција и бактеријата остана на око и не навлезе во крвта. Се извади окото за да им се спаси животот. Тоа беше голема афера, јас во тој период бев член на комисија. Оваа Бактерија прво се откри тука, па потоа и во Белград”, вели д-р Пановски.

Загадениот физиолошки раствор со оваа бактерија д-р Пановски вели дека го чувал до пред некое време и таа уште била жива, што покажува дека се работи за многу отпорна бактерија.

„Ја чував во физиолошки раствор кој беше загаден. Ја чував 30 години до пред некое време и таа уште беше жива. Тоа е многу отпорна бактерија која може да живее во обична вода. Не е поопасна од останатите бактерии, туку е можеби поретка. Симптомите се исти како и за секоја бактерија и тоа е слика на сепса. Е сега, зошто се случило, зошто навлегла во крвта, не можам да коментирам и не би знаел дали е влезена од надвор или не. Во Очна клиника за случајот за кој ви споменав, се докажа дека е од загадено шише кое било отворено. Тој период се мислеше дека намерно загадено. А од околината кога настанува загадувањето, она што треба да се прави е дезинфекција и со тоа ќе се уништи бактеријата”, вели д-р Пановски.

Тој појаснува дека од сепса умираат повеќе од 100 луѓе годишно, по операции, после сообраќајки, карцином…

На Скопските клиники пред неколку дена почина пациентка од Прилеп која имала компликации ден по извршена киретажа во болницата. Неколку дена се затворени операционите сали на Гинеколошкото, Хируршкото и на Ортопедското одделение во Прилепската болница. Оттаму се земени брисеви и се испитува бактериолошката состојба.

Жената по операцијата била пуштена на домашно лекување, а откако добила покачена температура била вратена во болница. Следниот ден била препратена на Гинеколошката, па на Инфективната клиника во Скопје каде починала.

Вчера Основното јавно обвинителство – Прилеп по допрен глас оформи предмет по информациите за смрт на две лица во прилепската болница – жена и непознато машко лице кај кои биле извршени оперативни зафати по што добиле интерхоспитална бактерија од која починале.

Од обвинителството додадоа  дека се постапува и по добиена информација преку допрен глас за несовесно лекување на лице на возраст од 30 години на Одделот за неврологија.

На својот фејсбук-профил д-р Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија во Скопје и побара да се испита случајот и да се казнат одговорните за оваа трагедија. Тој вели дека жално и трагично е во 21 век да ти почине жена од бактерија која ја има само во книгите. 

„Во 21 век, во регионална болница на еден од поголемите урбани центри во Македонија да ти се случи интрахоспитална инфекција со бактерија која сме ја среќавале само во нашите книги и тоа напишана со мали букви и при тоа поради ваквиот недозволен пропуст да ти почине млада жена (51 година) е повеќе од жално, трагично, нестручно, непрофесионално. Под итно да се испита случајот и да се казнат одговорните. Сочуство до семејството на починатата. Господ нека ја прости“, напиша Чибишев.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons