Големо истражување: Повеќе време пред екраните е поврзано со послаб успех и повеќе емоционални проблеми кај децата
Децата кои поминуваат повеќе време пред екраните може да имаат послаби резултати на училиште, потешкотии во развојот на јазикот, како и повеќе емоционални проблеми и проблеми во однесувањето, покажа едно од досега најголемите истражувања за влијанието на користењето дигитални уреди врз развојот на децата.
Истражувачите анализираа податоци за повеќе од 2,8 милиони деца од 64 земји, а резултатите покажуваат дека поголемата изложеност на екрани е поврзана со послаби резултати во неколку области од развојот и менталното здравје на децата, пренесува Гардијан.
Анализата опфатила различни уреди, меѓу кои паметни телефони и телевизори, како и активности како користење социјални мрежи, играње видеоигри, гледање содржини преку стриминг-платформи и видеоповици.
Истражувачите, предводени од научници од Универзитетот во Калгари во Канада, утврдиле дека подолгото време поминато пред екраните е поврзано со понизок вкупен училишен успех и послаб развој на јазикот.
Кога станува збор за менталното здравје, поголемата употреба на екрани е поврзана со емоционални тешкотии и проблеми во односите со врсниците, како и со симптоми на депресија и анксиозност.
Исто така, забележана е поврзаност со проблеми во однесувањето, вклучувајќи агресија и симптоми на нарушување на вниманието со хиперактивност.
Авторите наведуваат дека големината на овие асоцијации е споредлива, а во некои случаи и поголема, од онаа евидентирана за некои веќе познати фактори поврзани со развојот на детето, вклучувајќи го социоекономскиот статус на семејството, однесувањето на родителите и предвременото раѓање.
Сепак, стручњаците предупредуваат дека резултатите треба внимателно да се толкуваат. Татјана Ињигес Берозпе од Универзитетот во Сарагоса навела дека истражувањето покажува поврзаност меѓу времето поминато пред екраните, менталното здравје и училишниот успех, но дека таа поврзаност е релативно мала.
Таа нагласи дека резултатите не го потврдуваат тврдењето дека екраните се главната причина за емоционалните тешкотии кај адолесцентите, како и дека самото користење дигитални уреди не може да објасни зошто некои тинејџери имаат емоционални проблеми или постигнуваат послаби резултати на училиште.



