ГОЛЕМ МЕРАК НА КУПУВАЊЕ ПРЕКУ ИНТРНЕТ, еве колку Македонците потрошиле за година дена
Купувањето преку интернет во странство за Македонците е исплатлива работа, а дека тое не е проценка и мислење туку факт покажуваат и бројките според кои Македонците се движат кон половина милијарда евра потрошени во интернет трговијата.
Македонците со своите платежни картички во странство потрошиле 427,8 милиони евра на онлајн трансакции и направиле 12,4 милиони трансакции, купувајќи производи и услуги најчесто поврзани со патувања како авиобилети и резервации на хотели, соопшти Асоцијацијата за е-трговија која ги анализираше објавените податоци од Народната банка за платежни трансакции со платежни картички според типот на уредот географска поделба по земји во 2025 година.
Во однос на 2024 година, Македонците потрошиле 50% повеќе во вредност, додека бројот на е-трансакциите е зголемен за 69%. Просечната трансакција изнесува 34 евра и е помала за 11% во однос на минатата година. При тоа, 74% од вредноста и 83% од бројот на направените трансакции се во Ирска, Холандија, Обединето Кралство, САД, Унгарија, Германија, Кипар и Луксембург.
Македонците оствариле најголема вредност на е-трансакции во Ирска каде што е европското седиште на Фејсбук и Гугл, во износ од 92,1 милиони евра, со пораст од 173% во однос на минатата година, додека во Холандија е остварена вредност од 62.4 милиони евра и пораст од 49% во однос на минатата година.

Анализата покажува дека во Ирска е направен и најголем број или 4,8 милиони е-трансакции од страна на Македонците, а потоа 2,1 милиони во САД, додека најголем годишен пораст на бројот на е-трансакциите во 2025 година е забележан во Германија скоро 650%, а во Кипар 263%. Пад е забележан во Луксембург на бројот на е-трансакциите од скоро 50% и во Обединетото Кралство од скоро 9%.
– Податоците покажуваат дека покрај силниот раст на прекуграничната е-трговија, се случува и значајна промена во структурата на вредноста и бројот на е-трансакции по земји.
Оваа промена во голема мера е условена од начинот на кој глобалните дигитални платформи ги организираат своите деловни и платежни операции – односно каде се регистрирани нивните европски седишта или билинг центри.
Ирска има најголемо учество и во вредноста и во бројот на трансакции, пред сè зашто таму се лоцирани европските операции на глобални компании како Amazon, Google, Meta и Apple, но дополнително и таму оди наплатата за купувањата од Temu, како и бројни дигитални услуги, апликации и subscription платформи.
Веднаш потоа следи Холандија, како значаен е-commerce и логистички хаб во Европа, но и седиште на платформи како Booking.com, што ја објаснува нејзината силна позиција, особено во сегментот на патувања и резервации, вели претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска Станков.
Таа оценува дека и САД имаат значајно учество, што е очекувано имајќи предвид дека таму се седиштата на дел од најголемите глобални платформи како Amazon, eBay, Netflix и други дигитални сервиси.



