Влезот за натпреварот меѓу Македонија и Летонија е бесплатен
Македонската фудбалска репрезентација во четврток од 18 часот ја пречекува Летонија во пријателски натпревар кој ќе се одигра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), за овој натпревар реши да ги отвори вратите за навивачите, влезот ќе биде бесплатен. А оние кои досега купиле билет, ќе добијат гратис влезница за следниот натпревар на репрезентацијата.
„Слободен влез на Националната арена за Македонија – Летонија
Македонската А репрезентација во четврток, 13 ноември, со почеток во 18:00 часот, ќе го одигра последниот домашен натпревар оваа година.
На Националната арена „Тодор Проески“, нашата најдобра селекција ќе одигра контролен натпревар против Летонија.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја информира јавноста дека влезот заовој натпревар ќе биде слободен за сите навивачи.
Ова е наш начин да изразиме благодарност до сите поддржувачи за нивната безрезервна поддршка во текот на целата година.
Истовремено, сите оние кои веќе купиле влезница за овој натпревар ќе добијат бесплатен билет за следниот домашен натпревар на репрезентацијата, без разлика дали ќе се работи за бараж за пласман на Светското првенство или за натпревар од друг карактер.
Ве покануваме заедно да создадеме уште една убава атмосфера и да им дадеме силна поддршка на нашите фудбалери на последниот натпревар пред домашната публика оваа година и поттик за квалификацискиот меч против Велс во Кардиф“, стои во соопштението на ФФМ.



