Легендарниот тренер Саки со критики за Симеоне: Што правиш Диего, каков фудбал игра Атлетико? 

Фудбалерите на Атлетико Мадрид загубија во првиот четвртфинален натпревар во Лигата на шампионите со 1:0 на гостувањето кај Манчестер сити, но начинот на кој одиграа „јорганчиите“ го разочара легендарниот италијански тренер, Ариго Саки.

Фудбалерите на Атлетико во сите 90 минути мислеа само на сопствениот гол и притоа поставија негативен рекорд, го завршија натпреварот без ниту еден упатен шут кон голот на противникот.

„Граѓаните“ успеаја да го пробијат бункерот на Атлетико во 70 минута кога погоди Кевин де Брујне, а и по примениот гол, тренерот на шпанскиот тим, Диего Симеоне, не отстапи од својата тактика 5-5-0, со што го налути Саки.

– Симеоне постигнува одлични резултати во последните години, а од својата играчка кариера во Италија научи дека најважно е да се зачува голот, додека за нападот девизата му е „што биде-биде“. Атлетико има квалитетен тим, но наместо да троши пари за купување на играчи, треба да го смени стилот на игра бидејќи тоа што го прикажаа против Манчестер сити беше досадно за публиката. Навивачите сакаат да гледаат убав фудбал, емоции и најдобра емоција се постигнува кога топката е во напад – вели Саки.

Саки кој со Милан два пати стана европски шампион, смета дека Атлетико не смее да игра дефанзивен фудбал.

– Се сеќавам кога Италија играше со Холандија на ЕП 2000 година, а ние победивме откако на целиот натпревар се браневме. Пеле седеше до мене на трибините и ми рече дека е штета што толку добри играчи не знаат да играат фудбал. Атлетико го прави истото – играат само одбрана, одбрана и одбрана. Каков фудбал е тоа? Нема задоволство во тоа, ќе победите, а не заслужувате да се радувате. Изненаден сум што Шпанците го трпат ова бидејќи се навикнати да гледаат убав фудбал – вели Саки.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons