Свет

Бразил воведува целосна забрана за онлајн обложување, на граѓаните ќе им отпишат до 90 отсто од долговите

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва во петокот најави забрана за онлајн обложување во најголемата јужноамериканска земја и претстави нова програма наменета за домаќинствата, со цел да им се олесни отплатата на долговите.

Овие потези доаѓаат во пресрет на претседателските избори следниот месец. Анкетите покажуваат тесна трка меѓу актуелниот претседател и сенаторот Флавио Болсонаро, најстариот син на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро.

Со извршна уредба, претседателот Лула да Силва го забранува работењето на интернет-обложувалниците во Бразил, помалку од две години откако владата донесе правна рамка со која на оваа индустрија ѝ беше овозможено да работи. За уредбата да остане во сила, Конгресот мора да ја одобри во рок од 120 дена.

Растот на потрошувачката на игри на среќа ги испразни семејните буџети и придонесе за рекордно ниво на задолженост на домаќинствата, предупредуваат бразилските власти. Неодамнешните истражувања на јавното мислење покажаа дека околу три четвртини од Бразилците ја поддржуваат целосната забрана за онлајн обложување.

„Се соочуваме со проблем на јавното здравје поврзан со онлајн обложувањето. Тоа е сериозен проблем“, изјави министерот за финансии Дарио Дуран.

Интернет-страниците на обложувалниците ќе им бидат достапни на корисниците до 5 октомври за да можат да ги повлечат преостанатите средства. Од 6 октомври, интернет-операторите и продавниците за апликации ќе мора да го блокираат пристапот до тие страници.

Сенаторот Болсонаро на предизборен митинг во Рио де Жанеиро ја нарече забраната популистичка, лицемерна и политички мотивирана.

Онлајн обложувањето во Бразил беше легализирано во 2018 година, за време на мандатот на поранешниот претседател Мишел Темер. Актуелниот претседател Лула да Силва во 2023 година потпиша закон со кој се утврдуваат правилата и, покрај спортското обложување, се одобруваат и игрите во интернет-казината.

Од јануари 2025 година, овластените приредувачи можат да ги нудат своите услуги на национално ниво доколку ја платиле концесиската такса и ги исполниле другите регулаторни услови.

Министерството за финансии проценува дека бразилските домаќинства годишно трошат околу 60 милијарди реали за онлајн обложување, односно 11,6 милијарди американски долари, што на државниот буџет му носи даночни приходи од 10 милијарди реали, односно околу 1,93 милијарди долари.

Лула да Силва ја претстави и програмата за намалување на товарот на долговите на домаќинствата. Владата во ноември ќе организира аукција за откуп и реструктурирање на долговите, при што ќе одвои 15 милијарди реали, односно околу 2,9 милијарди долари, за преземање до 150 милијарди реали доспеани, но ненаплатени долгови, со отпишување на 90 отсто од нив.

Се очекува програмата да опфати околу половина од вкупниот износ на долговите што ги исполнуваат условите.

На тој начин, домаќинствата ќе можат да ги подмират доспеаните обврски по значително намалена вредност. Станува збор за долгови што не надминуваат 10.000 реали, односно околу 1.930 долари, а чија отплата доцни од две до четири и пол години.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons