Oбвинителството потврди: Докторка примила мито во битолската болница
И од обвинителство ја потврдија информацијата која Прес24 ја објави предмалку, докторка примила поткуп во битолската болница.
ОЈО Битола и СВР Битола постапуваат за кривично дело примање поткуп од осомничена докторка. Се уште се преземаат дејствија, така што повеќе информации во текот на утрешниот ден, соопштија од обвинителството за Прес24.
За потсетување, за случајот се огласија и од МЗ од каде појаснуваат:
Министерството за здравство најостро го осудува секој облик на коруптивно однесување во здравствениот систем. Во врска со случајот во ЈЗУ Клиничка болница „Др. Трифун Пановски“ – Битола, каде што денес медицинско лице е затекнато при примање поткуп, Министерството веднаш иницира постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, согласно законските процедури. Реакцијата на Министерството е брза, принципиелна и недвосмислена, ставена во насока на заштитата на достоинството на пациентите и интегритетот на медицинските лица од јавното здравство.
Граѓаните имаат право на фер и достоинствен третман. Министерството не толерира корупција и ќе ги санкционира сите прекршоци за да ја зачува довербата во здравствениот систем.
Очекуваме институционална истрага и завршница од надлежните органи, со цел ефикасна борба против корупцијата. Ги повикуваме граѓаните да продолжат да пријавуваат преку веб алатката „Пријави неправилности“, додека институциите да продолжат постапуваат доследно и без селективност, велат од МЗ.