Претседателот на клубот „Иван Михајлов“: Избришани сме ама не и поразени, сакаме да учествуваме во работната група за уставни измени

Избришани сме, но не и поразени, вака изјавил претседателот на сега веќе поранешниот бугарски културен клуб „Иван Михајлов“ од Битола, Љупчо Георгиевски.

Георгиевски во интервју за бугарските медиуми истакнал и дека „Македонија порано или подоцна ќе мора да направи измени во Уставот и да ги вклучи Бугарите како државотворен народ“.

„Да, избришани сме, но уште не сме поразени. Решението на министерот за правда го обжаливме до Уставниот суд. Ќе продолжиме да се бориме и да си ги бараме правата по судски пат. Веруваме дека РСМ ќе стане подобра земја за живеење за Бугарите. Веруваме дека ќе не вклучат во Уставот. Со тоа Бугарите ќе станат еднакви со сите други народи“, убеден е Георгиевски во разговор за „Bg on air“.

Тој вели дека Бугарите ќе достават писмо до претседателот Стево Пендаровски, со барање да бидат вклучени во работната група која ќе ги подготвува амандманите за измените на Уставот. Според Георгиевски, тоа е императив бидејќи како што вели, групата ќе се занимава со проблемите на бугарската заедница и ќе можат да и помогнат со објаснување за какви проблеми.

„Бидејќи се работи за нас, логично е да бидеме вклучени. Мислиме дека Бугарија ќе не поддржи во овие наши барања. Ќе го олесниме и патот кон ЕУ“, рекол Георгиевски.

Тој порача дека „претстојат подобри денови за Бугарите во Македонија“.

„Ние Бугарите живееме таму и сакаме да продолжиме да живееме. РС Македонија е нашата татковина. Дадовме многу жртви. Бугарите живееле и ќе живеат во земјата“, нагласил претседателот на избришаниот бугарски клуб „Иван Михајлов“.


Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons